Наша цел не е резултатот, туку да го покажеме нашиот уникатен тимски дух. Нашиот успех ќе биде да допреме до сите обожаватели на ракометот и да му овозможиме на ракометот да му ја покаже на светот пораката за мир од Полуостровот, изјави Џон Јун, шеф за меѓународни односи во Ракометната федерација на Ј. Кореја, пред настапот на обединетата репрезентација на ракометното СП
Првпат во историјата заеднички тим на Северна и на Јужна Кореја настапува на Светското првенство (СП) во ракомет, кое се игра во Германија и во Данска. Првиот натпревар на Кореја беше во четвртокот против Германија, во Берлин – град што не е непознат во процесите на обединување, објави Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) во статија на својата интернет-страница.
Пред да биде потврдено обединувањето на селекциите, Јужна Кореја се пласира на СП со третото место на првенството на Азија лани. Северна Кореја е членка на ИХФ од 1974 година, а неодамна машката репрезентација освои бронза на турнирот на ИХФ во 2017 година во Тајланд. Следната година јуниорите го освоија третото, а младинците беа втори на турнирот на ИХФ во Хонгконг.
По неколку состаноци меѓу олимписките комитети на двете земји и ракометните федерации, беше избран селектор и одреден составот за СП 2019. Тренер на обединетата селекција е Јанг Шин Чо, а селекцијата од 20 ракометари (16 од Јужна и четворица од Северна Кореја) се подготвува во Германија од 22 декември. Клучни играчи се Сујонг Јунг (десен бек) и Сеунгдо На (десно крило).
– Наша крајна цел не е резултатот, туку да го покажеме нашиот уникатен тимски дух за целиот свет. Нашиот успех ќе биде да допреме до сите обожаватели на ракометот и да му овозможиме на ракометот да му ја покаже на светот пораката за мир од Корејскиот Полуостров – изјави Џон Јун, шеф за меѓународни односи во Ракометната федерација на Ј. Кореја.