Агенцијата за млади и спорт (АМС) организираше прием за најдобрите македонски ракометни судии, кои беа дел од финалето на Летните олимписки игри во Токио, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
-Голема чест и задоволство ми претставуваа што наши гости се луѓето кои претставуваат величини во македонскиот и светски ракомет. Одлуката да ја делите правдата во финалниот натпревар на најголемиот спортски настан е доволен показател за квалитетот и реномето кое го имате стекнато во светската ракометна судиска фела.
Наша заложба е што поскора измена на Законот за спорт, во кој освен спортистите кои со врвни меѓународни одличја остваруваат право на таканаречената спортска пензија, оваа придобивка да ја имаат и спортските работници, како неоспорен дел од спортот воопшто – истакна директорот на АМС Наумче Мојсовски.
Ова беа трети Летни олимписки игри за македонските судии.
– Ова е наша трета олимпијада и некако беше очекувано после толку натпревари на Светското првенство во Египет, како и седум натпревари на ЛОИ во Токио, речиси секоја од нив дерби натпревар, да ја добиеме можноста да ја делиме правдата во едно финале – истакна Начевски.
Тој додаде дека ништо не е случајно и дека за да се изборите во еден таков ракометен врв, а доаѓате од една мала земја како нашата, мора да сте три пати подобри и поквалитетни од другите.
Начевски искажа голема благодарност за иницијативата на Мојсовски за вреднување на остварувањата на спортските работници.
Своите импресии од ЛОИ ги искажа и Николов, потенцирајќи дека за првпат се дава важност и на спортските работници како важен фактор во спортот.
Наумче Мојсовски во знак на благодарност за сите досегашни остварувања во областа на ракометот им додели плакети.