Прв противник на Вардар во новата сезона вечерва е дебитантот во Регионалната лига
Ракометарите на европскиот првак Вардар своето учество во новата, деветта сезона во Регионалната лига (РЛ), ќе го почнат денеска (20.45 ч.) во СЦ „Јане Сандански“, против дебитантот, кинескиот претставник Универзитет за спорт Пекинг (група А). Еурофарм Работник (група Б), пак, утре во Битола (20.45 ч.) ќе ги одмери силите со рускиот претставник Спартак од Москва.
– Пекинг е непозната екипа за нас. Моја цел е секогаш да победуваме, а добро е што сезоната ја почнуваме токму во Скопје. Секогаш треба да играме најдобро што умееме, без оглед на противниците, а се надевам дека како што ќе одминува сезоната ќе бидеме сѐ подобри. Не сум задоволен од сите досегашни резултати, па по турнирот Суперглоуб ќе треба да го кренеме нивото на нашата игра – вели тренерот Давид Писонеро.
Поради несанирани повреди нема да настапат Стојанче Стоилов и Жозе Толедо, но во екипата се враќа рускиот бек Глеб Калараш. Кинескиот претставник не би требало да претставува поголема закана за фаворитите за титулата. Во клубот, чија просечна старост на играчите е 23,7 години, има четворица двометраши, од кои тројца се голмани и левиот бек Ју Цао. Највозрасен е десниот бек Ја Ченг (29), а најмлади се голманот Џиниан Хе и пикерот Кинглонг Хие со по 19 години.
Годинава првпат во РЛ ќе играат 12 екипи, поделени во две групи, а плејофот е закажан за април в година. Покрај Пекинг, дебитанти во лигата се и Спартак, Мотор и Еурофарм работник. Веспрем по пауза од две години и Металопластика по седум, се враќаат во ова натпреварување. Вардар е најуспешен, со пет трофеи.