За двократниот европски ракометен првак Вардар, победата над Монпелје беше вкупно 70-та во групната фаза во ЛШ, па моментно на таа топ-листа е на 14-то место, со 143 меча, односно успешност од 54 отсто
Задоволен сум од победата. Одигравме тежок натпревар. Не е лесно да се победи во Монпелје. Во првото полувреме одбраната не беше на нивото што го посакувавме, но нападот беше коректен, дадовме 16 гола. Во вториот дел игравме подобро и успеавме да дојдеме до посакуваниот триумф. Постигнавме неколку лесни голови преку брзи контри и задоволни сме од конечниот епилог, не го криеше своето задоволство новиот вардаров тренер Давид Писонеро, во воведната победа на ракометарите на Вардар на гости над Монпелје (група Б) во 1-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ).
Најефикасни во редовите на црвено-белите беа централниот бек Сташ Скубе, со седум, и левото крило Тимур Дибиров, со шест гола, а кај домаќинот, десниот бек Валентин Порт реализира седум погодоци.
За двократниот европски првак и актуелен бранител на титулата Вардар, победата над Монпелје беше вкупно 70-та во групната фаза во ЛШ, па моментно на таа топ-листа, црвено-црните се на 14-то место, со 143 одиграни меча, односно успешност од 54 отсто.
За Монпелје, кој двапати го подигнал шампионскиот пехар, ова беше вкупно шести пораз од Вардар во ЛШ, а само еднаш успеал да го победи, и тоа во полуфиналето во Келн во 2018 година (28-27). На теренот во Монпелје, пак, вардарци од четири средби, освен сега, славеле уште двапати, во сезоната 2015/2016 (30-25) и минатата (27-24), кога бодовите ги освојувале во воведните натпревари, со едно реми (34-34) во сезоната 2014/2015.
Во 2-то коло вардарци ќе играат во Скопје, на 22 месецов (17 ч.), а противник ќе им биде португалскиот претставник Порто, кој во 1-то коло пред своја публика го совлада белоруски Мешков, со 27-25.
Вториот македонски претставник во ЛШ, Еурофарм работник, синоќа во Битола го имаше својот деби-настап во оваа конкуренција (група Ц) против фаворизираниот португалски Спортинг.