Вардар беше блиску до победата, оти на полувремето водеше со 16-11, но одигра слабо во вторите 30 минути, со што Веспрем му се реваншира за поразот на свој терен (25-27) и славеше со 29-27 во Скопје
Вардар не е повеќе втор во групата А, во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет. Четвртиот пораз, во 12-то коло во меч одигран во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, од унгарски Веспрем, со 27-29, на две кола до крајот на групната фаза сезонава, го чинеше едно место подолу, а за Унгарците тоа значи едно погоре и сега тие се втори. Вардар беше блиску до победата, оти на полувремето водеше со 16-11, но одигра слабо во вторите 30 минути, со што Веспрем му се реваншира за поразот на свој терен (25-27). Двете екипи досега осум пати меѓусебно играле во ЛШ, а поуспешни се Унгарците со шест победи, еден пораз и еден нерешен резултат и со вкупна гол-разлика 219-207.
– Одигравме добро прво полувреме, ја загубивме предноста во вториот дел, противникот во финишот беше подобар. Ја посакувавме победата, но не успеавме. Се обидовме да се подобриме, но промашивме многу удари. Бевме уморни, се обидовме да парираме, но противникот имаше повеќе свежина кога требаше. Веспрем одигра одличен меч, а голманот Миклер беше одличен на крајот – вели вардаровиот тренер Роберто Парондо.
За Унгарците ова беше шесто гостување сезонава во ЛШ, а четврта победа (Мешков, Монпелје, Левен и Вардар), додека втор пораз за Вардар во Скопје. Веспрем и по дуелот во Скопје го задржа просекот постигнати голови, кога славел на гости годинава. Вардар, пак, не постигна 30 гола за да ја впише петтата победа, дома, колку што му изнесуваше досегашниот просек на реализација, кога победувал (29,4).
Причините за поразот, црвено-црните треба да ги бараат во тенката клупа, недоволно закрепнатиот играчки кадар, неколкуте промашувања на стоотстотни шанси, но и во одбраните на голманот Роналд Миклер, долгата клупа и одличната одбрана на Веспрем во вторите 30 минути. Вардаровата ефикасност во нападот беше 47 отсто на шутот 53, наспроти 57-те отсто, односно 60 отсто на Веспрем. На Вардар во прилог му одат поразите на полски Киелце и на германски Левен, со што ја задржа третата позиција, а со тоа и шансите и за место погоре. До крајот на групната фаза сезонава остануваат уште две кола, а Вардар в сабота му гостува на шведски Кристијанстад.