Победата над Веспрем е најважна за нас во овој момент. Но, тоа ќе биде тежок натпревар, бидејќи Веспрем е квалитетна екипа во која играат многу добри ракометари. Последните денови тренираа и нашите повредени играчи Вуко Борозан и Рожерио Мораеш, па ќе видиме дали ќе бидат целосно подготвени за настап. Со Сергеј Горбок ситуацијата е поинаква, сигурно ќе помине уште еден месец додека можеме да сметаме на него – изјави вардаровиот тренер, Роберто Парондо пред саботниот дуел во Скопје (17.30 ч.) против унгарски Веспрем, а во рамките на 12-то коло од годинашната Лига на шампионите (ЛШ) во ракомет.
Овој натпревар е многу значаен за црвено-црните, ако сакаат да ја задржат втората позиција во групата А, во групната фаза, каде до крајот остануваат да се одиграат уште три натпревари иако скопјани се веќе сигурни патници во осминафиналето. Моментно Вардар е втор со 15 бода, три помалку од водечката Барселона, а еден повеќе од Веспрем и полски Киелце.
На првиот меч во Унгарија, вардарци победија со 27-25, што всушност беше и прва победа над Веспрем на нивен терен во ЛШ.
Г.И.