Ракометната конфедерација на Јужна и на Средна Америка го откажа дополнителниот квалификациски турнир за пласман на СП и побара Чиле да настапи на Мундијалот, а за тоа неделава ќе решава ИХФ

РАКОМЕТ

По сѐ поголемиот број заразени со коронавирусот, Ракометната конфедерација на Јужна и на Средна Америка (СЦАХЦ) го откажа квалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство (СП) во Египет в година и ја предложи селекцијата на Чиле да биде нивниот четврти претставник на Мундијалот. Откажувањето на турнирот се случи откако Колумбија пред една недела замина во целосна изолација и остана таа конфедерација административно да го реши пласманот на СП. Одговорот на нивното барање ќе биде познат неделава, по состанокот во Базел на одговорните лица во Светската ракометна федерација (ИХФ).
Пред пандемијата на коронавирусот, СЦАХЦ организира континентално првенство што беше и квалификациски турнир за пласман на СП, но го немаа потребниот број учесници (осум репрезентации), па според пропозициите на ИХФ првите три од тоа првенство (Аргентина, Бразил и Уругвај) обезбедија пласман на СП.

Чиле беше четвртопласиран. СЦАХЦ во меѓувреме со поддршка од ИХФ се обиде да организира уште еден круг квалификации, за кој беа потребни најмалку четири репрезентации (требаше да играат Чиле, Колумбија, Салвадор и Парагвај).
Во меѓувреме е откажан и квалификацискиот турнир во Северна Америка, но се очекува селекцијата на САД да добие т.н. вајлд-карта за учество на СП 2021.