Откако Светската професионална билјард и снукер-асоцијација санкционира тројца играчи, Велшанецот Дејвид Џон и Кинезите Ју Делу и Као Јупен, англискиот професионален снукерист Рони О’Саливан излезе со изјава, која ја пренесе „Еуроспорт“, во која вели дека причините за местењето на натпреварите треба да се најдат пред да се казнуваат играчите што мамат.
– Вистинското прашање е зошто играчите имаат потреба да го направат тоа? И притоа не сум сигурен дека казнувањето е одговор на прашањето – напиша О’Саливан на својот твитер-профил.
О’Саливан посочи дека еден чекор напред може да биде зголемување на парите што ги добиваат професионалците, на сметка на трошоците за учество, бидејќи вели дека трошоците „ги убиваат играчите“ што се наоѓаат надвор од врвните 16. Свесен дека висината на наградите е под нивото на професионалците, претседателот на Светскиот снукер Бери Хири најави зголемување на паричните награди.
– Откако ќе ги увидите причините зошто играчите ги местат натпреварите, тогаш можете да се обидете да направите позитивни промени за тоа да престане да се случува. Што и да правите, ниту еден играч не треба главната турнеја да ја заврши со минус од 30 илјади фунти, бидејќи голем е процентот на тие што завршуваат на тој начин. Сојузот на играчи е единствениот пат кон решавање на проблемот. Ако играчите се држат заедно проблемите ќе се решат, бидејќи без играчи нема игра – смета О’Саливан.