ОД СТРУЧЕН АГОЛ

Веќе по три кола на Светското ракометно првенство во Германија и во Данска се издвоија главните фаворити за трката по медали. Во досегашните три меча доминантна и сигурна игра видовме од Шпанија, Франција, Германија, Норвешка, Данска и од Шведска, а како фаворит од сенка би ја споменал и Хрватска, иако сметам дека барем според играта во досегашниот тек од првенството не е на потребното ниво.
На ова првенство, за разлика од претходно, ракометот како игра доби динамика. Се игра многу побрзо од претходно, многу побрз е преносот на топката, има брзи контри, транзиција, брз центар и сето тоа го крева нивото на играта. Ракометот оди во нагорна линија. Како репрезентации, кои уште играат побавно би ги споменал Хрватска и Македонија, но тука може да станува збор и за тактичка варијација.

Селекции што пријатно ме изненадија со својата игра на ова првенство се Јужноамериканците, репрезентациите на Бразил и на Аргентина. Кај другите не гледам некој посебен напредок, со исклучок на Јапонија, која под влијание на исландската стратегија покажува некои знаци на напредок, но, сепак, недоволен да им парира на европските селекции.

Гледам дека дел од репрезентациите упорно ја форсираат играта „седум на шест“. Јас генерално сум противник на таквата поставеност на играта, со која може да се изненади противникот десетина минути, но во никој случај не се игра 60 минути. Со таквата игра се задушува бековската линија, која упорно бара пикер за проигрување на сметка на градење и упатување шут.
Светското првенство е отворена арена и одлична можност и отскочна штица за младите играчи, кои добиле можност да го облечат националниот дрес.

Ристо Магдинчев
(македонски тренер, поранешен селектор)