Македонската машка ракометна репрезентација со победа го отвори подготвителниот циклус во пресрет на Европското првенство (ЕП) што во јануари треба да се игра во Австрија, Норвешка и Шведска. Македонските репрезентативци, предводени од најмладите, десното крило Ненад Костески (осум гола) и голманот Марко Кизиќ (12 одбрани), ја победија селекцијата на Кувајт со 27-24 (14-9). Меѓутоа, во пресрет на мечот, голманот Никола Митревски и десното крило Мартин Поповски се пожалиле на повреди и не биле во комбинација за дуелот.
Во текот на вчерашниот ден и врз двајцата се извршени потребните прегледи за да се утврди степенот на повредата. Синоќа македонската репрезентација го одигра и вториот контролен дуел со Кувајт, а денеска патува за Букурешт (Романија), каде што од утре ќе биде дел од традиционалниот турнир „Трофеј Карпати“. Во првиот полуфинален меч на турнирот, Македонија ќе се сретне со Алжир, а потоа ќе игра со Романија или со Холандија.