Данска, Бахреин, Јапонија Аргентина и Нигерија ќе ѝ бидат противници на Македонија во групата Ц на Светското првенство за кадети (ракометари до 19 години) што од 6 до 18 август треба да се игра во Скопје.
Македонските кадети имаа среќа во ждрепката на групите во Базел, добивајќи само една европска селекција за ривал, која според вообичаената практика ја избра македонската делегација во чиј состав беа селекторот Данило Брестовац, претседателот на РФМ, Живко Мукаетов и генералниот секретар Филип Милошевски, по влечењето на селекциите од петте барабани со исклучок на третиот во кој беше Македонија.
– Мислам дека добивме добра група, за со уште поголем мотив да се подготвиме и да одиграме што подобро првенство – изјави Брестовац.
Светските првенства во младите категории отсекогаш важеле за ракометен излог за иднината на големите ракометни сили односно со каков капацитет и потенцијал располагаат.
– Сигурен сум дека нашата ракометна земја ќе биде успешен организатор на овој Мундијал и дека нашата ракометна иднина ќе ни понуди да гледаме врвен ракомет – изјави Мукаетов пред почетокот на извлекувањето.
На СП 2007 што се одржуваше во Скопје и во Охрид ѕвездена ракометна промоција имаа Уве Генсајмер, Штефан Вајнхолд (Германија), Андреас Паличка (Шведска), Иван Чупиќ, Јаков Гојун, Жељко Муса (Хрватска), Едуардо Гурбиндо, Хорхе Македа, Кристијан Угалде (Шпанија), Павел Атман, Данил Шишкарев (Русија), Винсан Жерар, Вилијам Акамбре (Франција), Јуре Доленец, Марко Безјак, Себастијан Скубе, Матевж Скок, Клемен Цехте (Словенија) Никлас Ландин, Хенрик Тофт Хансен (Данска), а Македонија на тоа првенство ги лансира Стојанче Стоилов, Велко Маркоски, Гоце Георгиевски, Никола Митревски, Благојче Трајковски, Дарко Јанев, Дејан Пецаковски, Милан Левов…
Македонската кадетска репрезентација во своите редови и на овој Мундијал ќе има одлични ракометари, кои ќе бидат иднината на македонскиот ракомет, како Мартин Серафимов, Ненад Костески, Марко Кизиќ, Кристијан Симоновски… Та.Д.