Кадетската А-репрезентација на Македонија забележа победа со 25-21 над Б-селекцијата во воведниот меч на меѓународниот ракометен турнир што во организација на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) се игра во салата „Автокоманда“ во Скопје.
Силниот кадетски турнир е дел од подготовките на селекцијата на Македонија од генерацијата родени до 2000 година, која ќе настапи на Светското првенство што ќе се игра во Скопје, во август 2019 година. Селекторот Данило Брестовац беше на чело на А-репрезентацијата, а неговиот помошник Никола Матлиевски беше на клупата на Б-тимот.
Двете селекции прикажаа солидна партија, со мали падови во играта на двете страни. Почетните минути од натпреварот беа во знакот на А-селекцијата (7-4), но во продолжението од мечот иницијативата премина на страната на Б – репрезентацијата, која на паузата меѓу полувремињата замина со минимална предност од 10-11.
Продолжението од мечот донесе многу поангажирана игра од двата тима, но поконцентриран и поефикасен во завршницата од мечот беше тимот на Брестовац, кој славеше со 25-21. Најефикасен кај победникот беше десното крило Ненад Костески со шест гола, а пет гола додаде десниот бек Мартин Серафимов. Кај тимот на Матлиески најефикасен беше десниот бек Симон Прентоски со четири гола.
Во преостанатите два претпладневни дуела, кадетите на Полска и на Унгарија беа доминантни над своите врсници од Црна Гора, односно од Србија. Полјаците славеа над Црногорците со 24-16, а Унгарците ја совладаа Србија со 29-19. Во синоќешните дуели од второто коло играа Македонија А – Црна Гора, Унгарија – Македонија Б и Србија – Полска.
Денеска македонските кадети ќе одиграат уште по два натпревара, и тоа А-селекцијата ќе игра со Полска (11 ч.) и со Србија (18.30 ч.), а Б-репрезентацијата ќе се надигрува со Србија (9.30 ч.) и со Црна Гора (17 ч.). Влезот во салата е слободен, а секој од натпреварите се пренесува во живо на стрим-каналите на РФМ.