По двете воведни победи над Јапонија и на Бахреин, репрезентацијата на Хрватска ќе биде првата од трите преостанати сериозни пречки на македонската машка ракометна репрезентација на патот за пласман во втората рунда на Светското првенство во Германија и во Данска.
Според играта на последните неколку големи натпреварувања, а и во подготвителниот период пред почетокот на ова СП, Хрватска не е на нивото од минатите години, кога редовно беше во траката за еден од медалите. Во подготвителните мечеви Хрватите не покажаа посебен квалитет во играта, иако завршија како победници на Хеп-купот во Пореч, славејќи над Црна Гора (34-22) и над Италија (28-20).
Но тргнувајќи од фактот дека со искусниот тренерски лисец Лино Червар, Хрватска од аутсајдерска позиција го освои СП 2003 година во Португалија, тогаш јасно е дека на Македонија ѝ претстои тежок дуел со Хрватска, а пред сѐ поради старото ривалство помеѓу тренерите Лино Червар и Раул Гонзалес, уште од времето кога беа на клупите на Металург односно на Вардар. Како клупски лидери, Червар и Гонзалес дури 24 пати меѓусебно ги одмериле своите ракометни филозофии на македонските терени во мечеви од Регионалната лига (РЛ), домашната плејоф-завршница и натпреварите од Купот на Македонија. Од нив 22 завршија со победа на Шпанецот, а двапати славеше Червар. Хрватот добро ги познава македонските репрезентативци со оглед на тоа што беше на чело на Македонија на последното СП во Франција 2017 година, па оттука останува да се види исходот од нивната прва селекторска пресметка како лидери на хрватскиот, односно на македонскиот национален тим.
Во првиот меч на ова СП Хрватска забележаа тешка, но значајна победа против Исланд. Иако избраниците на Гудмундур Гудмундсон беа тие што го диктираа резултатот во поголем дел од мечот, одличната и борбена игра во одбраната, дополнета со индивидуалните квалитети на хрватските ракометари, беа главното оружје на Червар за целосен пресврт.
Не треба да се заборави дека Хрватска има играчи со одлични индивидуални квалитети, како што се Домагој Дувњак, Лука Циндриќ, Златко Хорват, Мануел Штрлек, кои знаат да повлечат во вистински момент и врз себе да ја преземат одговорноста. Нивно најсилно оружје е одбраната, а знаат еднакво добро да ги играат сите одбранбени формации, било да станува збор за позициска или длабока 6-0 зона, потоа 5-1 и 5+1, како и длабоките трансформации 4-2 или, пак, 3-2-1 и сето тоа во зависност од противниците и инструкциите на Червар и неговото основно мото „одбраната го добива натпреварот, а нападот го губи“.
Кога станува збор, пак, за играта во напад, познато е дека Червар знае и сака да се надигрува со „седум на шест“ и тоа во моменти кога треба да се скрши резултатот или да се направи поголем пресврт.
Хрватите играат за премија од 450.000 евра
Дополнителен мотив за висок пласман на Хрватите е и ветената премија од 450.000 евра за освоен златен, 300.000 евра за сребрен медал, додека бронзата ќе им донесе 200.000 евра. Четврто место им е вредно 100.000 евра, додека за пласман на петтото, шестото и седмото место, ќе добијат 50.000 евра.