Вкупно има 19 кандидатури (од 14 земји) за континенталните шампионати во 2026 и во 2028 година за мажи и за жени. Норвешка, Данска и Шведска се пријавија за домаќинство на сите четири првенства, за по две ЕП се кандидираа Хрватска, Франција и Швајцарија, а Белорусија, Литванија, Полска, Португалија, Шпанија, Белгија, Естонија и Русија за по еден настан
РАКОМЕТ
Ова е најголем интерес што го имаме добиено од федерациите, покажувајќи намера да бидат домаќини на нашите водечки репрезентативни турнири. Овие бројки уште еднаш покажуваат дека европските првенства се најбараниот настан за националните тимови во нашиот спорт и покажуваат дека развојот на ракометот продолжува да расте, рече претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер.
Вкупно 14 европски ракометни федерации испратија писма со намери, за домаќинство на континенталните првенства во машка и во женска конкуренција што треба да се одржат во 2026 и во 2028 година. Меѓу конкурентите, ракометните федерации на Норвешка, Данска и на Шведска се издвојуваат како најзаинтересирани за организација на шампионатите, бидејќи конкурираат за домаќинство на сите четири првенства во двете конкуренции.
Белорусија, Литванија и Полска, потоа и скандинавските соседи Норвешка и Данска, поднесоа заеднички кандидатури за организација на машкото Европското првенство (ЕП) во 2026 година, а Хрватска, Франција, Швајцарија и Шведска конкурираат за самостојни организатори на настанот. За ЕП 2028 има уште поголем интерес, оти заеднички кандидатури поднесоа Норвешка и Данска, како и Португалија и Шпанија, а самостојно Белгија, Хрватска, Естонија, Франција Швајцарија и Шведска.
За организација на ЕП 2026 и ЕП 2028 за жени конкурираат седум федерации, меѓу кои Русија и Шведска како самостојни и Норвешка и Данска како заеднички организатори за ЕП 2026, а за ЕП 2028, покрај заедничката кандидатура на Норвешка и Данска, во игра е и Шведска.
КАНДИДАТИ ЗА ДОМАЌИНИ
ЕП 2026 за мажи: Белорусија/Литванија/Полска (заедничка кандидатура), Норвешка/Данска (заедничка кандидатура), Хрватска, Франција, Швајцарија, Шведска.
ЕП 2028 за мажи: Норвешка/Данска (заедничка кандидатура), Португалија/Шпанија (заедничка кандидатура), Хрватска, Франција, Швајцарија, Шведска, Белгија, Естонија.
ЕП 2026 за жени: Норвешка/Данска (заедничка кандидатура), Русија, Шведска.
ЕП 2028 за жени: Норвешка/Данска (заедничка кандидатура), Шведска.