Во финалето, Норвешка ја победи Франција со 29-22, а во мечот за третото место Данска беше подобра од домаќинот Шпанија, 35-28. Норвешка сега е актуелен европски и светски првак, како што беше уште неколкупати претходно

СО ТРИУМФОТ НА СП 2021 ВО РАКОМЕТ ЗА ЖЕНИ

По европското злато во 2020 година во Данска, ракометарките на Норвешка го освоија и златниот медал на Светското првенство (СП) во Шпанија. Избраничките на исландскиот стручњак Торир Хергеирсон во големото финале убедливо ја совладаа Франција, со 29-22, и се искачија на светскиот ракометен врв. За Норвешка ова е четврта светска титула, а има и осум европски трофеи. Ова е петти пат Норвешка во исто време да е европски и светски првак (победи на ЕП 1998 и на СП 1999, потоа на ЕП 2010 и на СП 2011, како и на ЕП 2014, СП 2015 и на ЕП 2016, а сега на ЕП 2020 и на СП 2021).
Ова беше најповторуваното финале на мундијалите за ракометарки, оти Норвешка и Франција играа за златото и на СП во 1999, 2011 и во 2017 година. Истовремено, ова беше и реприза на финалето на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, а за светската титула годинава играа актуелниот европски првак Норвешка и олимпискиот шампион Франција. Во петте меѓусебни финалиња четири пати славеше Норвешка (СП 1999, 2011 и 2021 и ЕП 2020), а еднаш Франција (СП 2017).
По првите 30 минути, Франција имаше предност од 16-12. Избраничките на искусниот селектор Оливие Крумбхолц го диктираа темпото од првата минута и ја оневозможија да се размава ударната норвешка тројка Нори Мерк, Стине Офтедал и Вероника Кристијансен. Французинките двапати имаа предност и од шест гола (14-8, 16-10). Норвежанките се разбудија во вториот дел, кога ја разнесоа гранитната одбрана, а на Франција не ѝ функционираше и нападот, немаше решение за извонредната голманка Гера Солберг. Јунак на натпреварот беше Хени Рајстад со шест гола, Мерк и Кари Братсет Дејл имаа по пет, а Офтедал четири гола. Голманката Солберг имаше 13 одбрани. Во мечот за бронзениот медал, Данска го победи домаќинот Шпанија, со 35-28 (16-13).
Најефикасна ракометарка на ова СП е Швеѓанката Натали Хагман, со 71 гол од 91 шут (78 отсто), најдобра голманка Алтеа Реинхард од Данска 71/141 (50 отсто), најдобра асистентка Австријката Патриција Ковач со 46, а таа има и најдобар збир од голови и асистенции 89 (43 гола плус 46 асистенции).
В година на програмата е ЕП 2023 во Македонија, Словенија и во Црна Гора.


НАЈДОБАР ТИМ НА СП 2021

голманка Сандра Тофт (Данска)
десно крило Кармен Мартин (Шпанија)
десен бек Нора Мерк (Норвешка)
централен бек Грас Зади (Франција)
лев бек Хени Реистад (Норвешка)
лево крило Корали Ласурс (Франција)
пикерка Паулета Фопа (Франција)
МВП Кари Братсет (Норвешка)