Сезонава македонското првенство ќе биде различно од претходните, првпат во есенскиот дел ќе настапат 14 екипи, поделени во две групи, ќе се игра забрзано, со по две кола неделно, без публика, според здравствен протокол поради актуелната ситуација со коронавирусот…
РАКОМЕТ
Со денешниот дуел во салата „Автокоманда“ во Скопје (од 18 часот) ракометарите на Металург и на Еурофарм Пелистер 2 ќе го означат почетокот на новата сезона во машката Суперлига.
Сезонава македонското првенство ќе биде различно од претходните. Првпат во есенскиот дел ќе играат 14 екипи поделени во две групи. Зголемената бројност на лигата се должи на пандемијата на коронавирусот, поради која беше прекината минатата сезона и немаше испаѓање од лигите. Па, така, кон десетте суперлигаши се приклучија и четирите најдобро пласирани екипи од двете групи во Првата лига.
Двете групи во Суперлигата сезонава ќе имаат по седум екипи. Трите најдобро пласирани од секоја група по групната фаза ќе продолжат во доигрувањето напролет, заедно со Вардар и со Еурофарм Пелистер. Екипите што ќе се пласираат од четвртото до седмото место ќе формираат плејаут-група со осум екипи, од кои само првопласираната ќе обезбеди место во Суперлигата за следната сезона.
Второпласираниот ќе игра бараж со најдобрата екипа од Првата лига, а екипите од третото до осмото место ќе испаднат во Првата лига. За разлика од претходните сезони, во плејаутот нема да се пренесуваат бодовите од првиот дел од сезоната, па сите екипи ќе го почнат разигрувањето без бодови.
Поради актуелната ситуација со коронавирусот, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја презеде обврската да ги покрива тестовите за коронавирус за тимовите, а во договор со клубовите подготви забрзан календар за одигрување на есенскиот дел. Натпреварите од групната фаза ќе се играат во петоците и во понеделниците, а со едно тестирање ќе се одиграат две кола.
Според здравствениот протокол на РФМ, нема да биде дозволено присуство на публика за време на мечевите. МТВ ќе врши пренос на по еден дуел од секое коло, а другите средби ќе бидат емитувани преку т.н. лајв-стрим. Двојки за 1. коло, денеска: група А: Голден арт КЛ7 – Охрид (19 ч., пренос на МТВ), Јуниор КВ – Т. Пролет (19 ч.), Астраион – Радовиш (20.30 ч.). Во ова коло слободна е Струга. Група Б: Металург – Еурофарм Пелистер 2 (18 ч.), Младост – ГРК Тиквеш (20.30 ч.), Работнички – Бутел (19 ч.). Во ова ко ло слободен е Прилеп.
ДВОЈКИ, 1. КОЛО
ГРУПА А
Голден арт КЛ7 – Охрид 19 ч.
Јуниор КВ – Т. Пролет 19 ч.
Астраион – Радовиш 20.30 ч.
Струга е слободна
ГРУПА Б
Металург – Еурофарм Пел. 2 18 ч.
Младост – ГРК Тиквеш 20.30 ч.
Работнички – Бутел 19 ч.
Прилеп е слободен