Марија Николиќ
Последните случувања со сепоголемото ширење на коронавирусот во светот, секако не ги одмина ни спортистите. Сеповеќе натпревари и тоа од голем ранг, се откажуваат или одат во таа насока, а веќе постои и забрана на присуство на навивачи на стадионите, во салите, отворените простори, односно во зависност од тоа каде се одржува спортскиот настан. Истовремено се преземаат мерки за намалување на интензитетот на вирусот.
 
– Засега општата ситуацијата во спортот во Грција, а и кај нас во клубот е добра. Веќе имавме предавање како да се заштитиме од коронавирусот. Солун функционира најнормално како и до сега, луѓето се движат повеќето без маски, но вчера слушнав од девојките дека училиштата и факултетите ќе бидат затворени во следните 14 дена, најверојатно како мерка на претпазливост. Нормално тренираме и мислам дека ќе биде така, се` додека не се појави некоj случај на коронавирусот во спортот во Грција. Завчера сите спортски сали во Солун беа затворени, се вршеше дезинфекција и ни една екипа немаше тренинг, сите бевме во фитнес-салите. Мислам дека наскоро во нашата сала ќе се постават антибактериски гелови, дека почесто ќе се фрши дезинфекција, но засега нема забрана за присуство на публика. На нас спортистите, на наша совест е оставено ако се почувствуваме лошо веднаш да одиме на доктор за понатамошни проверки – ни изјави македонската ракометна интернационалка Марија Николиќ, која настапува за грчкиот клуб Паок од Солун.
 
Јована Саздовска
 

Со сличен став е и левото ракометно крило на германскиот клуб Турингер, Македонката Јована Саздовска.

– Живеам во градот Ерфурт, во германската област Турингија. Моментно тука се вели дека има само еден заболен и засега се` останато е нормално, нема никаква разлика и тренираме вообичаено. Се надевам дека нема да се влоши ситуацијата ни тука, ни пак, во Македонија, односно нема да се зголеми бројката на заразени – ни потврди Јована Саздовска.      Г.И.