Македонската меѓународна судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов повторно ја доби довербата од Европската ракометна федерација (ЕХФ) да суди на полуфиналниот меч Веспрем – Киелце во Лигата на шампиони (ЛШ) на завршниот фајналфор-турнир во Келн (1 и 2 јуни).
Тие пред две сезони во Келн ја делеа правдата на мечот Веспрем – ПСЖ, кој заврши со победа на францускиот тим.
Германската судиска двојка Ларс Гајпел и Маркус Хелбиг ќе суди на големото финале на турнирот во Келн (2 јуни). Германските судии ја делеа правдата и на финалниот меч Вардар – ПСЖ во 2017 година, кога македонскиот првак ја освои титулата европски шампион.
На полуфиналниот дуел Вардар – Барселона судии ќе бидат Летонците Зигмар Сондорс и Ренар Лицис. Тие во групната фаза судеа на мечот Барселона – Вардар, кој заврши со победа на шпанската екипа, 34-26. На утешниот меч за третото место ќе судат Португалците Дуарте Сантос и Рикардо Фонсека.