Македонија сигурно оди понатаму на СП 2019 ако не ги загуби двата преостанати меча во групата (Шпанија и Исланд), а постојат уште неколку други варијанти, кои водат до клучниот меч утре со Исланд

Како што и се претставуваше пред почетокот на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска, клучниот и решавачки меч за пласман на македонската репрезентација во втората фаза, односно меѓу најдобрите 12, веројатно ќе биде дуелот со Исланд, утре, по дуелот вечерва со Шпанија.

По три одиграни кола, Македонија е на третата позиција во групата Б со четири бода (две победи и еден пораз), а Исланд е четврти со два бода (една победа и два пораза), но во моментов за два гола подобра гол-разлика од избраниците на Раул Гонзалес. Сепак, и двете селекции имаат еднакви шанси да продолжат во следната фаза, што значи во игра влегува и математиката.

Македонија сигурно оди понатаму ако ги добие двата преостанати меча (Шпанија и Исланд), потоа ако загуби од Шпанија, а го совлада Исланд (кој претходно би ја победил Јапонија), но и ако загуби од Шпанија, а Исланд од Јапонија, па во меѓусебниот дуел одигра нерешено со Исланд.

Црвено-жолтите ќе одат понатаму и во варијантите што се во доменот на научната фантастика, а тоа е Хрватска или Шпанија да ги загубат преостанатите два меча во групата, а таму покрај нивниот меѓусебен дуел, Хрватска ќе игра и со Бахреин, а Шпанија со Македонија. Во таква варијанта Македонија треба да ги добие следните два меча во групата.

Во случај Македонија и Исланд во петтото коло да влезат со ист број бодови, селекцијата што ќе има подобра вкупна гол-разлика ќе биде во предност, бидејќи ќе ѝ одговара и реми во меѓусебниот дуел. Во моментов гол-разликата на Македонија е плус пет, а на Исланд плус седум.

Првите три селекции од секоја група ќе играат во втората групна фаза. Селекциите на четвртото ќе разигруваат за пласман од 13-то до 16-то место на СП 2019 (своевидно полуфинале и финале). Петтопласираните ќе играат за пласман од 17-то до 20-то место, а последнопласираните во групите во т.н. претседателски куп, за пласман од 21-то до 24-то место.


КАКО МАКЕДОНИЈА ДА СТИГНЕ ДО СЛЕДНАТА ФАЗА НА СП
ВАРИЈАНТА 1: две победи во следните два меча
ВАРИЈАНТА 2: победа над Шпанија, барем реми со Исланд
ВАРИЈАНТА 3: реми со Шпанија, барем реми со Исланд
ВАРИЈАНТА 4: пораз од Шпанија, победа над Исланд
ВАРИЈАНТА 5: по два пораза на Шпанија (од Македонија и од Хрватска), на Македонија ќе ѝ одговара и пораз од Исланд со помала разлика за во круг со три селекции со ист број бодови да биде барем втора