Јагањац во дуел со одбраната на Спортинг на мечот во минатата сезона Фото: Игор Бансколиев

Во португалскиот состав има 11 ракометари на возраст од 30 и повеќе години, во однос на лани тимот е речиси целосно обновен, а 19-кратниот првак на Португалија сезонава сака пласман во осминафиналето на ЛШ

Во денешниот меч од 1-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон (19.30 часот, пренос на Арена спорт 4) ќе се сретнат веројатно највозрасниот и најмладиот пријавен состав за натпреварите сезонава во ЛШ. Просечната возраст на сениорската екипа на Спортинг (без седумтемина тинејџери) сезонава изнесува 30,3 години, а тимот од „Автокоманда“ ќе настапи со веројатно најмладиот состав во досегашната историја на ЛШ, со просечна возраст од 20,1 години.

Португалскиот тренер Хуго Канела во својот тим има дури 11 ракометари со возраст од 30 и повеќе години и само шест меѓу 20 и 29 години. За Спортинг ова е трета сезона (втора едноподруго) во ЛШ. Со завршувањето на минатата сезона португалскиот првак се прегрупира, така што неговите редови ги напуштија седуммина ракометари, од кои петмина стандардни првотимци, меѓу кои и поранешниот играч на Металург, Јанко Божовиќ. Си замина и пикерот Михаил Копчо на чие место дојде најдобриот португалски пикер од јуниорското ЕП што се одржа во Словенија, Луис Фреде. Ново име во тимот на Канела е и десното крило, Бразилецот Фабио Чиуфа, кој ќе го замени Педро Портела, а замената за Божовиќ на десната бековска позиција ќе биде Невен Стјепановиќ од БиХ. Од екипата си заминаа и левите крила Фелипе Борхес и Бруно Гашпар, голманот Мануел Гашпар и десниот бек Фабрицио Тавареш.

Во претсезонската најава на ЕХФ на учесниците во ЛШ, спортскиот директор на Спортинг Карол Галамбс и капитенот Карлос Карнеро најавија чекор напред во однос на минатата сезона, со осминафинални амбиции. Спортинг е 19-кратен шампион на Португалија и 15 пати е освојувач на Купот на таа земја.

За време на подготвителниот период, Спортинг играше тест-средби со селекцијата на Катар и беше поразен во двата меча, а во домашниот шампионат португалскиот состав бележи ефект од три супериорни победи во трите одиграни кола. Избраниците на Канела беа подобри од Хорта (35-23), Порто (32-27) и од Брага (30-23). Во трите меча главната улога во нападот на Спортинг ја имаа левиот бек Карол Франкис и организаторот на играта Карлос Руезга, а главната улога во одбраната ја има балканското голманско трио, Словенците Матевж Скок и Алјоша Чудиќ и Хрватот Матеј Ашанин.


Почнува 27-та сезона во ракометната Суперлига

Со денешните натпревари Вардар јуниор – Радовиш, Борец – Струга и дербито Еурофарм – Пелистер ќе почне 27-та сезона во домашната ракометна Суперлига. Поради настапот во Регионалната лига Металург и Вардар ќе го прескокнат регуларниот дел од Суперлигата, во која 10 екипи ќе играат за првите четири позиции на табелата што носат пласман во плејофот и можен излез во Европа. Според составите со кои располагаат македонските суперлигаши, битолските тимови Еурофарм и Пелистер се тие што оваа сезона би требало да го имаат главниот збор на теренот.