Со мечот против Грузија вчера македонската женска репрезентација го почнува учеството на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б за ракометарки до 19 години, во Литванија и во Бугарија. Избраничките на селекторката Јулијана Црвенковска се дел од групата Б, заедно со Швајцарија, Грузија и домаќинот Литванија.
Главна цел на сите учеснички на турнирот е освојување на првото место во групите, кои носат пласман во полуфиналето, а потоа освојување на шампионатот. Во рамките на подготовките за настап на шампионатот, Македонија одигра два контролни натпревари со селекцијата на Босна и Херцеговина во кои забележа две победи – 32-26 и 30-28.
Вчера почнаа и подготовките на женската кадетска репрезентација на Македонија, која од 3 до 11 август ќе биде дел од шампионатот на ЕХФ од дивизијата Б, кој од ќе се игра во Италија и во Грузија.
Македонските кадетки ќе играат во Италија и ќе бидат дел од групата Б, каде што противници ќе им бидат Полска, Белорусија, Азербејџан и домаќинот Италија. Предводникот на селекцијата, Владимир Пановски, на располагање ќе има 22 ракометарки од кои 12 од Вардар, четири од Металург и по две од Куманово, Пелистер и од Стружанка.