РАКОМЕТ – НА СП 2021

Тимската игра, совршената техника, но и тактиката и силата на играчите и препознатливиот долгодецениски востановен систем на работа, се покажаа како дел од клучот за успехот на репрезентациите што играа за медалите на Светското првенство (СП) во Египет.
– Од тактички аспект на играта на СП се покажа дека скандинавскиот технички совршен ракомет, шпанската тактика и француската експлозивна подготвеност уште долго ќе доминираат на светската ракометна сцена, како тренд за развој и унапредување на играта – вели проф. д-р Влатко Неделковски.
Добрата техничка и физичка подготвеност и брзината се основните карактеристики на современиот ракомет, смета проф. д-р Гино Стрезовски.
– Не само во финалето, во текот на целото првенство селекциите на Данска и на Шведска ни ја покажаа вистинската убавина на ракометната игра во која доминираа перфектните меѓусебни додавања, брзите пробиви во ситуации еден на еден, цврста, подвижна и агресивна одбрана, сѐ она што е одлика на квалитетниот современ ракомет. Тоа не е нешто со што изненадија на ова првенство, сето тоа е плод на систематската работа на скандинавската ракометна школа што е препознатлива по тој систем на работа во сите клубови и селекции, паралелно уште од најмлади категории. Нивниот континуиран квалитет и постојан напредок се резултат на правилно востановениот систем на работа – вели Стрезовски.

Според Неделковски, проширувањето на СП на 32 селекции се покажа како исправна одлука на Светската ракометна федерација, а неговото мислење го дели и поранешниот селектор, сега тренер на Металург 2, Владимир Глигоров.
– Неевропските селекции на ова СП покажаа евидентен напредок во играта во сите сегменти. Сето тоа навестува дека на следното СП овие селекции ќе бидат многу поконкурентни – рече Глигоров.
Длабоката и агресивна одбрана, технички совршениот напад и брзата транзициска игра беа основни карактеристики на играта на СП во Египет.
– Модифицираната зонска формација 6-0, коригирана во сегментот длабочина, се наметна како основна и убедливо најупотребувана зона од речиси сите репрезентации, особено европските. Тој тип одбрана најде одговор за играта „седум на шест“, која на ова СП многу ретко се употребуваше.

Во делот на нападот евидентен е напредокот кај речиси сите репрезентации во однос на техниката на додавање, без чие совршенство е речиси невозможно решавањето на модифицираната одбрана 6-0. Главната разлика на терен ја правеа играчите што се способни да одиграат еден на еден, а како одговор на длабоката зонска поставеност до израз дојде играта преку пикер. Брзиот центар и брзата транзиција беа најсилно оружје на голем број репрезентации, особено на тие што имаа играчи што играат во два правца и немаат повеќе од една измена од одбрана во напад. Тренираноста, уиграноста и тактичките решенија најлесно се гледаа во делот на употребата на полуконтра-нападот и продолжениот напад на непоставена одбрана – вели Неделковски.