Задоволен сум од ждрепката. Во ниеден момент нема да ги потцениме, напротив, периодот што следува ќе го искористиме за што подобро уигрување на екипата и подготвено да го дочекаме почетокот на новата сезона, изјави Кастратовиќ, тренерот на Металург
РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЛИГАТА НА ЕВРОПА
Хрватскиот тим Спачва од Винковци ќе му биде противник на Металург во првото квалификациско коло за пласман во групната фаза во новоформираното натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Лигата на Европа во ракомет, а Бутел за противник го доби унгарскиот тим Ѓунѓеш.
Со оглед на рејтингот што го има противникот на Металург во Европа, тренерот Зоран Кастратовиќ е задоволен со првата задача што ја доби на патот кон Лигата на Европа.
– Задоволен сум од ждрепката. Добивме еден од посакуваните противници. Во прв момент немаме многу информации за нивниот состав и квалитет со кој располагаат, но верувам дека до завршувањето на подготовките во Маврово ќе ги обезбедиме сите потребни информации за нив.
Не се сомневам дека имаат квалитетен состав штом се најдоа во иста зона и ранг со нас, така што во ниеден момент нема да ги потцениме, напротив, периодот што следува ќе го искористиме за што подобро уигрување на екипата и подготвено да го дочекаме почетокот на новата сезона – изјави Кастратовиќ.
До моментот на прекинување на ракометната сезона поради пандемијата на коронавирусот, хрватскиот состав Спачва Винковци одигра 18 кола, во кои забележа осум победи, седум порази и три ремија, и со 19 бода ја имаше третата позиција на табелата во хрватскиот шампионат, во кој подоцна требаше да се приклучат Загреб и Нексе.
Екипата на Ѓунѓеш, пак, прекинатата сезона ја заврши на третата позиција во унгарскиот шампионат, зад Веспрем и Сегед, забележувајќи 17 победи, пет порази и една нерешена средба.
За да се заштитат екипите, играчите и сите инволвирани во натпреварувањето, Европската ракометна федерација (ЕХФ) овој пат спроведе полудиригирана ждрепка, во која тимовите, наместо во два барабани, ги подели во шест барабани и три зони, за да има разумна географска близина и да се спречи екипите да патуваат на спротивната страна на континентот.
Термините за првите мечеви од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа се предвидени за 29 и за 30 август, а реваншите треба да се одиграат една седмица подоцна.
ДВОЈКИ, ЗОНА 1
Потаиса Турда – Горица
Констанца – Виктор Ставропол
СКА Минск – ЦСКА Москва
Ѓунѓеш – Бутел
Металург – Спачва Винковци
првите мечеви на 29 и 30 август, реваншите седум дена подоцна