Металург за време на СП, во Франција треба да одигра тест-мечеви со тимови од Првата и од Втората француска лига, како и со Бидасоа, моментно вториот тим во Шпанија
Со завршувањето на настапите во Лигата на шампионите (ЛШ), не завршуваат обврските на ракометарите на Металург. До паузата за Светското првенство (СП) во Германија и во Данска во јануари, Металург ќе одигра уште четири натпревари во Регионалната лига (по два дома и на гости), а потоа паузата за СП ќе ја искористат за подготовка на тимот за продолжението од сезоната со учество на турнир во Гренобл, Франција (Бидасоа, втор во Шпанија моментно зад Барселона, како и домаќинот Гренобл и Истр, од Втората лига на Франција) на 19 и 20 јануари и одигрување неколку пријателски натпревари со тимови од Првата француска лига, до 24 јануари.
Прво на распоредот на Металург е утрешното дерби (20.15 часот – пренос на МТВ) со Вардар во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, потоа в недела ќе го пречекаат белорускиот првак Мешков, а потоа имаат две гостувања, кај Нексе и кај Извиѓач.
Иако зад себе имаат два тешки меча со многу повреди и долго патување, тренерот на младите металурзи Данило Брестовац очекува неговите избраници да дадат силен отпор и да прикажат борбена игра со далеку поискусниот и поквалитетен ривал.
– Свесни сме дека играме со една од најдобрите европски екипи. Пред нас е тежок натпревар против екипа, која е многу поквалитетна и поискусна од нас. Но, нема да се предадеме и овој пат ќе го оставиме срцето на теренот. Ме радува тоа што нашата игра се движи во нагорна линија и очекуваме така да продолжи и во иднина – изјави Брестовац.
Брестовац го најави и планот за работа и подготовка на тимот во претстојната пауза за СП.
– Вистинска чест за нас како клуб е поканата од Гренобл за учество на нивниот турнир. Потребни ни се такви мечеви од интернационален карактер преку кои ќе го надградуваме нашето искуство и ќе учиме од противниците. За максимално да го искористиме учеството на турнирот во Франција ги искористив моите познанства со некои од колегите тренери во Франција и договоривме уште три пријателски натпревари со три од најдобрите француски екипи, Ним, Сен Рафаел и Екс ан Прованс (од четвртото до деветтото место – н.з.). На нашите млади играчи им требаат добра минутажа и квалитетни мечеви за да можат да им парираат на силни тимови како Вардар – додаде Брестовац.