Ракометарите на Металург на последниот натпревар пред својата публика во Регионалната лига (РЛ) ја победија подмладената екипа на Војводина со резултат 39:20.
Избраниците на тренерот Данило Брестовац одлично го започнаа натпреварот и во првите 10 минути имаа водство од 5:0. Разликата константно се зголемуваше и до 20. минута тимот од Автокоманда водеше со 9 голови разлика (14:5), а првото полувреме го комплетираа со резултатот 19:7.
Вториот дел „металурзите“ го започнаа со серија од 6:1 и продолжија со ефикасната игра и доминираа сѐ до крајот на натпреварот, кога конечно беше комплетирана победата од 19 гола разлика.
Најефикасни кај домашната екипа беа Мице Шилегов, Мартин Серафимов, Михајло Младеновиќ и Бојан Маџовски со 6 гола.
Голманите Никола Даниловски и Мартин Томовски добија по едно полувреме, во кое едниот оствари 5, а другот 4 одбрани.
Ракометарите на Металург ја завршуваат сезоната во РЛ на 9. место, со 4 победи, еден нерешен дуел и 16 порази.