Македонскиот вицепрвак Металург забележа пораз на првиот натпревар од вториот дел од сезоната во регионалната ракометна СЕХА-лига (РЛ). Денес во спортскиот центар „Борис Трајковски гостите од Загреб беа подобри од играчите на тренерот Данило Брестовац со резултат 36:24.
Ракометарите на тимот од Автокоманда одлично го започнаа натпреварот и до 20-тата минута се водеше изедначена борба (8:8), откако левото крило Борјан Маџовски погоди 4 пати од 4 обиди, а голманот Томовски имаше 5 одбрани. До крајот на полувремето следуваше пад на концентрацијата на играчите на Металург поради што Загреб оствари серија од 4:0 и се резултатски се одвои. По првите 30 минути, резултатот беше 15:10 за загрепчани.
Во вториот дел, избраниците на Бранко Тамше со сигурна игра ја зголемија предноста заработена во првото полувреме и до 45-тата минута Загреб водеше со 10 голови разлика (25:15). Без посебни возбудувања до крајот, Загреб оствари убедлива победа од дванаесет голови разлика.
Најпрецизен кај домаќините беше Арсеновски со 5 гола, а Шпенде, Рибеиро, Маџовски и Токиќ постигнаа 4. Голманиот Мартин Томовски оствари 8 одбрани. Кај Загреб, најпрецизен беше Буриќ со 7 гола.
За Металург ова беше единаесети пораз во 14-от натпревар во РЛ, додека Загреб стигна до дванаесетата победа.
На табелата во СЕХА-лигата, Вардар го дели првото место со Загреб со 36 бода, додека Металург е на претпоследното (деветто) место со седум освоени бода. П.С.