Спроти себе имаме квалитетен противник, кој физички е посилен од нас, но ако ја одиграме нашата игра, верувам во позитивен исход, изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац
Со денешните мечеви од 6-то коло продолжува натпреварувањето во машката ракометна Лига на шампионите (ЛШ). Прв на реванш-листата на Металург ќе биде рускиот првак Чеховски Медведи, кој во последните две кола забележа две победи во низа. Славеше на гости кај Татран (28-27) и дома над Металург (33-25). Мечот во СЦ „Борис Трајковски“ се игра утре (17 ч.).
Од последниот меч со Чеховски Медведи пред три недели до денеска, металурзите претрпеа мала реконструкција на ростерот. Си замина нивниот најефикасен поединец, левиот бек Халил Јагањац (20), а на негово место дојдоа искусните словенечки бекови Александар Шпенде (28) и Миха Пучник (30), како и Португалецот Гонзало Риберио (21), кои во продолжението од сезоната ќе ги покриваат левата и централната бековска позиција.
Во утрешниот меч освежениот состав на тренерот Данило Брестовац ќе се обиде да му се реваншира на ривалот за поразот во мечот од 5-то коло и да ја израдува домашната публика со прва победа во годинешнава ЛШ.
– За време на неделата на ЕХФ, се консолидиравме. Сега сме комплетни и личиме на екипа. Имаме повеќе можности и во одбраната и во нападот, имаме ротација. Го загубивме Халил Јагањац, но направивме добра замена, особено затоа што се работи за меѓупериод во кој тешко може да се најдат квалитетни играчи. Се надевам дека ракометарите брзо ќе се вклопат и со индивидуалните квалитети ќе придонесат за подобра игра на Металург. Верувам и дека помладите македонски играчи ќе профитираат од искусните засилувања и дека играта ќе се подигне на повисоко ниво – оптимист е тренерот Брестовац.
Победа во утрешниот реванш-меч ќе биде главниот мотив на „новите“ и „старите“ металурзи, кои ќе се потрудат да прикажат што подобра игра за први бодови во ЛШ.
– Очекувам да одиграме добар меч. Играчите се гладни за победи. Спроти себе имаме квалитетен противник, кој физички е посилен од нас, но ако ја одиграме нашата игра, верувам во позитивен исход. Преку видеоанализи се обидовме да ги најдеме нивните слаби страни и да наметнеме игра со која ќе ги надиграме. Се надевам дека публиката ќе се појави во поголем број и со својата поддршка ќе ни помогне на патот кон победа. Со создавањето на овој нов Металург, ги правиме првите чекори кон враќање на оној стар Металург, кој високо котираше во Европа – смета Брестовац.
Полни со амбиција и задоволни од доаѓањето во Металург се и новите ракометари Пучник и Рибеиро, кои ветуваат напорна работа и борбена игра, за да се остварат амбициите на клубот и да се забележат што повеќе победи.
– Среќен сум поради доаѓањето во Металург и сакам што побрзо да се вклопиме како тим и да почнеме да редиме победи. Работиме и тренираме напорно и сакаме да покажеме дека сме добар тим, кој ќе му конкурира на Вардар во домашното првенство – изјави Шпенде.
Во Словенецот Пучник, Металург го доби својот најискусен ракометар во ростерот.
– Одлично сум прифатен и супер се чувствувам тука. Се надевам дека со моето искуство ќе им помогнам на екипата и на помладите играчи. Верувам дека нашата добра работа ќе ја покажеме на дело со Чеховски медведи – истакна Пучник.
Гонзало Рибеиро е првиот Португалец што ќе биде дел од македонски тим.
– Металург е важен предизвик за мене. Ми се допаѓа нивниот проект и задоволен сум што сум тука. Имаме добар тим и среќен сум што ќе бидам дел од ЛШ. Ќе дадам сѐ од себе да ги оствариме целите и амбициите на клубот – изјави Рибеиро.