Задоволен сум што екипата секојдневно напредува, благодарение на посветеноста и сериозноста со која работат играчите, изјави Кастратовиќ, тренерот на Металург
Ракометарите на Металург во изминатите седум дена во Стара Пазова ја реализираа финалната фаза од подготовките за продолжување на натпреварувањето во домашното првенство и во Купот на Македонија.
Во оваа завршна корективна фаза, стратегот на Металург, Зоран Кастратовиќ, стави акцент на техничко-тактичките сегменти на играта, како и на поставување на играта во одбрана. Во рамките на подготовките, металурзите одиграа и два контролни натпревари со српскиот првак Војводина (32-33) и со хрватскиот вицепрвак Нексе (28-32), во кои резултатот беше во втор план на сметка на проверката на сработеното на тренинзите.
– Благодарение на одличните услови, во Стара Пазова имавме можност да работиме на високо ниво и во целост да го реализираме планот за техничко-тактичка подготовка на екипата. Сработеното на тренинзите го испробавме на терен со членовите на Регионалната лига, Војводина и Нексе. Во двата меча имавме и добри и лоши периоди во играта. Простор за корекција и подобра игра секогаш има, но задоволен сум што екипата секојдневно напредува, благодарение на посветеноста и сериозноста со која работат играчите – изјави Кастратовиќ.
До почетокот на пролетниот дел од сезоната на металурзите им остануваат уште шест дена за корекции во играта за да отпатуваат подготвени на гостувањето кај Струга, во мечот од 15-то коло од машката Суперлига.