Ракометарите на Металург го совладаа Еурофарм Пелистер 2 со 25-21 (11-11) во Автокоманда, на отворањето на новата сезона во Суперлигата.
Домашната екипа со цврста одбрана во второто полувреме стигна до победата. Металург стекна предност од четири погодоци во 48-та минута, откако го задржа противникот седум минути без погодок, што се покажа како пресудно за конечниот исход.
Мартин Серафимов со седум гола беше најефикасен кај Металург, додека Марко Тарабокија постигна четири, а Бранко Канкараш три гола. Кај гостите се истакнаа Талевски со седум и Петровски со пет погодоци.
Металург во следното коло гостува во Прилеп, додека Еурофарм Пелистер 2 го пречекува Работнички.