Чориќ (26 г., 197 см) во Металург доаѓа од германскиот второлигаш Рајн Викинг
Хрватскиот пикер Тео Чориќ (26) е новото име со кое се засили македонскиот вицепрвак Металург. Тој во Автокоманда доаѓа од редовите на германскиот второлигаш Рајн Викинг. Пикерот Чориќ (197 см) во Металург доаѓа како замена за повредениот Адријан Миличевиќ, но и како засилување на дефанзивната линија на металурзите.
– Во ситуација кога останавме без Миличевиќ, кој има сериозна повреда на рамото, сам по себе се наметна ангажманот на Чориќ, со кого, покрај тоа што ќе ја дополниме напаѓачката линија на шест метри, ќе добиеме височина и агресивност во централниот дел на одбраната – вели Данило Брестовац, тренерот на Металург.
Чориќ (26) е играч што потекнува од школата на хрватски Замет. Во својата кариера, покрај за матичниот клуб, две сезони (од 2011 до 2013) бил дел од тимот на Пореч, а во сезоните 2013/2015 ги бранел боите на хрватскиот првак Загреб. Следните две сезони (до 2017 година) ги поминал во германскиот бундеслигаш Штутгарт, а потоа преминал во редовите на второлигашот Рајн Викинг. Тој има злато со Хрватска на кадетското Европско првенство во 2010 година и сребро од Медитеранските игри истата година. Чориќ има и два настапа за сениорската репрезентација на Хрватска.
Чориќ, кој потпиша договор од година и пол, на тимот ќе му се приклучи на 15 февруари. Та.Д.