Генерално, задоволен сум од одиграното, пред сѐ во одбраната, бидејќи Кринс тактички не нѐ изненади во ниеден момент. Свесни бевме дека патникот за Лигата на Европа ќе се решава во Швајцарија, рече тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, по победата во Скопје над Кринс Луцерн, со 26-24

РАКОМЕТ

Верувам во мојот тим и знам дека момците можат да одиграат многу подобро отколку што одиграа во првиот натпревар. Свесни бевме дека патникот за Лигата на Европа ќе се решава во Швајцарија, рече тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, по победата во Скопје над швајцарскиот Кринс Луцерн, со 26-24, во првиот меч од второто квалификациско коло за пласман во ракометната Лига на Европа.
– Требаше поефективно да ја искористиме нашата добра игра во одбраната и да акумулираме поголема предност по првите 30 минути. Имавме голем број неизнудени технички грешки, кои противникот ефектно ги искористи и не дозволи да го ставиме во подредена улога. Генерално, задоволен сум од одиграното, пред сѐ во одбраната, бидејќи Кринс тактички не нѐ изненади во ниеден момент.

Она што ми пречеше во овој меч е малиот број упатени шутеви од бековските позиции и тоа ќе мора да го промениме за реванш-дуелот. Верувам во овие момци и се надевам дека овие два гола ќе ги одржат будни, фокусирани и на ниво во реваншот, бидејќи пласманот во групната фаза го издигнува Металург како клуб на европско ниво, а ќе значи и нивна афирмација и презентација како играчи, кои преку мечевите во Лигата на Европа ќе можат на голема сцена да ги демонстрираат своите квалитети и можности – рече Кастратовиќ.
Со по осум гола најефикасни во победата на Металург беа десното крило Златко Хорват (од осум шута) и централниот бек Марко Тарабокија (од девет удари), по трипати реализираа Бранко Канкараш и Мартин Серафимов, а по еден гол запишаа Милан Поповиќ, Маријан Мариќ, Милан Лазаревски и Стефан Додиќ. Најефикасни во швајцарскиот тим беа десниот бек Јернеј Папеж (шест гола), десното крило Левин Ванер (пет) и Јануш Лапајне (четири).

– Мислам дека ни недостигаа искуство и храброст во одредени ситуации за да се радуваме на позитивен резултат. Меѓутоа, со овој резултат сѐ е можно во реваншот. Верувам дека во домашниот меч во Цирих ќе одиграме многу подобро и ќе сториме сѐ за да се пласираме во групната фаза – резимира тренерот на Кринс, Хрватот Горан Перковац.
Реванш-дуелот на програмата е во вторник, во Цирих, од 18.45 часот. Вкупниот победник ќе се пласира во групната фаза на Лигата на Европа.