Во финалето ослабениот Металург го победи второпласираниот тим од шпанското првенство, Бидасоа, а на турнирот поединечни награди освоија Дупјачанец и Шпенде. Турнирот во Гренобл се игра од 2002 година, а досега победувале само француски тимови – Монпелје, Шамбери, Иври, Трембле, Нант, Кретеј и ПСЖ
Ракометарите на Металург со победа ја завршија минатата и со победа и освоен трофеј ја почнаа новата година. Ослабениот состав на Металург, без репрезентативците Мартин Серафимов, Марио Танкоски и Милан Лазаревски и без повредените Мартин Велковски и Димитар Димитриоски, го освои првото место на силниот меѓународен турнир „Мастер де хендбол – Гренобл“ во земјата на светскиот првак Франција, откако во финалето ја совлада шпанската екипа на Ирун Бидасоа со 32-31 (14-17). Противникот на Металург во финалето моментно е второпласиран во шпанската лига, каде што води Барселона.
Металурзите во полуфиналето беа подобри и од домаќинот на турнирот, Гренобл, над кого, исто така, славеа минимална победа, со 27-26. Во вториот полуфинален дуел Ирун Бидасоа славеше висока победа над Истр со 32-22.
Турнирот „Мастерс де хендбол – Гренобл“ има традиција од 2002 година и досега на него учествувале голем број екипи од кремот на европскиот ракомет, меѓутоа Металург е првиот нефранцуски клуб што го освоил силниот меѓународен турнир. Претходни освојувачи на престижниот турнир се актуелниот европски првак Монпелје и Шамбери по четири пати, Иври трипати, а по еднаш славеле Трембле, Нант, Кретеј и ПСЖ.
Избраниците на тренерот Данило Брестовац во два дена одиграа два цврсти и неизвесни натпревари во кои јасно на терен ги демонстрираа својата борбеност, мотив и волја за победа. Останаа борбени и концентрирани до самата завршница, во која со топовскиот гол на Александер Шпенде, во последните секунди од натпреварот забележаа победа за триумф на 16-то издание на турнирот.
За одличната и ефикасна игра во дресот на Металург Шпенде беше прогласен и за најдобар и најефикасен играч (постигна вкупно 16 гола) на турнирот, а голем удел во победата на Металург имаше повратникот во тимот, голманот Даниел Дупјачанец, кој за својата бравурозна партија во финалето беше прогласен за најдобар голман на турнирот. Во мечот за третото место, екипата на Гренобл загуби од прволигашот Истр со 26-28.
Металурзите и во следните неколку дена ќе останат во Франција каде што во рамките на подготовките за пролетната полусезона од денеска до четврток ќе одиграат уште три пријателски натпревари, и тоа со француските прволигаши Екс Прованс (осми во првенството на Франција), Ним (петти) и Сент Рафаел (шести). Овие мечеви ќе бидат добредојдени за младите металурзи да се стекнат со дополнително меѓународно искуство во пресрет на продолжението на натпреварите од Регионалната лига и мечевите од плејофот во домашното првенство и во Купот на Македонија.
Првиот официјален натпревар годинава Металург треба да го игра идната сабота (од 18 часот), кога во 14-то коло од Регионалната лига ќе гостува хрватскиот шампион во Загреб. Завршницата во домашното првенство би требало да почне во втората половина на март.