Александер Шпенде погоди за победа Фото: Игор Бансколиев

Младите металурзи ја забележаа третата победа сезонава, со 31-30 (16-14) на гости кај Извиѓач, втора во регионалното натпреварување

Ракометарите на Металург со победа ја завршија натпреварувачката 2018 година. Во мечот од 13-то коло од Регионалната лига на гости против босанскиот првак Извиѓач младите металурзи ја забележаа третата победа сезонава, со 31-30 (16-14), втора во регионалното натпреварување. Двете екипи одиграа максимално борбен и изедначен натпревар, во кој во интервали го менуваа водството во зависност од подемите и падовите во играта.
– Среќни сме за победата. Во самата завршница одигравме онака како што се договоривме и дојдовме до посакуваниот резултат. Доста грешевме во првото полувреме, но потоа фативме ритам, дојдовме до меч-топка и ја искористивме – рече помошник-тренерот Оливер Димитриоски, кој ја водеше екипата, откако тренерот Данило Брестовац е со кадетската репрезентација на Македонија на меѓународниот турнир во Скопје.

Задоволен од одиграното и епилогот на мечот беше и Александер Шпенде, кој во изјава по мечот за сајтот на Регионалната лига смета дека тесниот и неизвесен финиш е најдоброто нешто што може да го понуди еден натпревар.
Металурзите првото полувреме го завршија со предност од два гола, а во продолжението неколкупати двете екипи бркаа негатива од два до три гола. Среќата и желбата за победа натежнаа на страната на Металург, кој ефектно го искористи последниот напад, изнудувајќи удар од седум метри, кој успешно го реализира Шпенде. Најефикасни во составот на Металург беа Шпенде и Мице Шилегов со по девет гола, а солидна поддршка имаа од Димитар Димитриоски, Адријан Миличевиќ и Марио Танкоски, кои додадоа по три реализации.

Со оваа победа металурзите остануваат на претпоследното место во пласманот на табелата со седум бода, од двете победи и едното реми. Лидери на табелата со по 33 бода се македонскиот првак Вардар и хрватскиот шампион Загреб. Во продолжението од Регионалната лига, предвидено за почетокот на февруари в година, ќе треба да се одиграат уште пет кола од групната фаза, пред да се издвојат четирите најдобри екипи што ќе разигруваат на завршниот турнир. На 2 февруари Металург треба да го пречека хрватскиот првак Загреб, а Вардар следниот ден треба да гостува кај српскиот првак Војводина. 


Следува одмор, а од јануари подготовки и силни мечеви во Франција

Стандардната пауза за репрезентативниот настап на Македонија на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска во јануари, металурзите еден дел ќе ја искористат за одмор, а другиот за подготовки за продолжението од сезоната. Почнувајќи од денеска, металурзите што немаат репрезентативни обврски ќе одмораат до 4 јануари. За 5 јануари се предвидени основни мерења пред почетокот на подготовките и заедничка вечера со состанок. По дводневната пауза за божиќните празници (6 и 7 јануари), подготвителните тренинзи ќе почнат на 8 јануари, во салата „Автокоманда“, и ќе траат до 17 јануари, кога екипата ќе замине на турнир во Франција (19 и 20 јануари). Покрај Металург, дел од турнирот „Мастер Гренобл“ ќе бидат и шпанската екипа Бидасоа (сезонава втора во Шпанија, зад Барселона), домаќинот Гренобл и францускиот второлигаш Истр. По завршувањето на турнирот, металурзите ќе одиграат уште три силни тест-натпревари со француските прволигаши Ним, Сен Рафаел и Екс ан Прованс (од четвртото до деветтото место). Екипата во Скопје се враќа на 26 јануари и ќе продолжи со тренинзи до почетокот на продолжението од Регионалната лига, 2 февруари, кога металурзите во Скопје ќе ги пречекаат ракометарите на хрватскиот првак Загреб. Та.Д.