Српскиот вицепрвак Железничар ќе биде утрешниот противник на Металург во 6-то коло од Регионалната лига што од 20.15 часот (пренос на МТВ) ќе се игра во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. За избраниците на тренерот Данило Брестовац ова ќе биде нова можност за прва победа сезонава со која би се прекинала лошата серија и би се вратила самодовербата во тимот.
– Ова ќе биде убава можност да одиграме добар меч. Го респектираме противникот, но, сепак, гледам реална шанса да одиграме добро и да ја забележиме првата победа. Ја анализиравме играта за Железничар, ја анализиравме и нашата игра и сметам дека со двата тренинга до натпреварот ќе подготвиме соодветна игра со која ќе забележиме позитивен резултат – изјави Брестовац.
Во досегашниот тек од сезоната српскиот состав забележа една победа, над Извиѓач (30-21) и четири порази, од Војводина (27-20), Вардар (35-20), Мешков (32-30) и од Нексе (34-25). Металург, пак, има едно реми, со Извиѓач (27-27) и четири порази, од Вардар (34-28), Мешков (41-29), Нексе (32-27) и од Загреб (26-22).
Најефикасни во составот на Железничар во досегашниот тек од сезоната се левото крило Ѓорѓе Спасиќ (16 гола), десниот бек Предраг Вејн (15 погодока) и левиот бек Стеван Сретеновиќ (14 реализации). Кај Металург прв стрелец е левиот бек Халил Јагањац со 24 постигнати гола, втор е десниот бек Мартин Серафимов со 19 и десното крило Анте Токиќ со 17 погодока.
Кога се бројките во прашање, ракометарите на Металург имаат поефикасен напад во однос на Железничар, 26,6 наспроти 25 постигнати голови во просек по натпревар, а Железничар со 29,8 примени голови по натпревар има подобра одбрана во споредба со Металург, чиј просек е 32 гола по меч.