Во 18-то коло во Регионалната лига, Металург го пречекува српскиот првак (20.30 ч.),
со намера победнички да ја заврши сезоната во лигата
Ракометарите на Металург денеска, од 20.30 часот (пренос на МТВ), во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, го играат последниот натпревар пред своја публика сезонава во Регионалната лига, во кој за противник ќе го имаат српскиот првак Војводина. Со оглед на тоа што во првиот меч победи Војводина, металурзите ќе имаат силен мотив со победа да им се реваншираат и победнички да ја завршат сезоната во лигата.
– Очекувам висока победа на мојот тим во денешниот меч со Војводина. Позитивна вест е што Александер Шпенде се приклучи кон екипата и почна да тренира со полн интензитет. Во претходните дуели имавме проблем со ротацијата на левата бековска позиција, но со Шпенде во игра имаме друг лик. На првиот меч во Нови Сад бевме брутално претепани и мечот го завршивме без четворица повредени играчи. Сигурно дека нема така да им вратиме во иста мера, ние сакаме фер и коректна игра. Се надевам дека ќе дојдат во комплетен состав, па уште еднаш да ги одмериме силите и квалитетот – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.
Војводина во своите редови го има најдобриот стрелец годинава во Регионалната лига, левото крило Милош Грозданиќ, кој во досегашните 17 натпревари постигна 102 гола (во просек по шест на натпревар). Најдобар стрелец кај Металург е десното крило Анте Токиќ со 61 погодок.
Без разлика на исходот од денешниот меч, македонскиот тим сезоната ќе ја заврши на деветтата позиција на табелата, а за српскиот првак ова е најуспешната сезона досега во лигата, со пласман на шестата позиција.