Љубовта и пасијата со која моите родители ги следеа ракометните натпревари беа главната мотивација за мене да почнам да тренирам ракомет и да им овозможам дополнително уживање и навивање во спортот, кој е нераскинлив дел од нашите животи, вели Марија, која со ракометната игра ја „заразила“ и својата помала сестра Јована

РАКОМЕТ – ПИКЕРКАТА МАРИЈА ПЕТРЕСКА НОВО ИМЕ ВО КЛУБОТ ОД АВТОКОМАНДА

Сметам дека Металург во моментов е најдобрата опција за мене, затоа што е клуб што секогаш бил во врвот на македонскиот ракомет и кој во својата богата клубска историја има голем број успеси и достигнувања, како резултат на несебичната и посветена работа на тренерите и луѓето што го водат клубот, смета младата и талентирана пикерка Марија Петреска (18 год.), која е една по петте ракометарки што женскиот ракометен клуб Металург ги промовира како свои засилувања во пресрет на подготовките за новата натпреварувачка сезона.
Марија доаѓа во Металург од редовите на струшкиот ракометен расадник Стружанка, чија членка беше во изминатите десет години, а љубовта кон овој спорт ја стекнала од своите родители, кои се големи вљубеници во ракометната игра и водните спортови.
– Љубовта и пасијата со која моите родители ги следеа ракометните натпревари беа главната мотивација за мене да почнам да тренирам ракомет и да им овозможам дополнително уживање и навивање во спортот, кој е нераскинлив дел од нашите животи. Бев фасцинирана од борбеноста, несебичноста и убавината на ракометната игра, па од мојата осумгодишна возраст станав член на женскиот ракометен клуб Стружанка, во кој секој ден осознавав нови ракометни тајни и вештини – вели Марија, која со ракометната игра ја „заразила“ и својата помала сестра Јована, па, така, спортската сала станала нивни втор дом и место каде што се стекнуваат пријателства за цел живот.

Металург деновиве ги започна подготовките за новата сезона, во која влегува со големи амбиции за враќање на шампионската и куп-титула во своите витрини, како и добра презентација на европската сцена.
– Сѐ уште сме далеку од совршенство и перфекција, па моја желба и амбиција е преку максимално посветена и ангажирана работа на тренинзите да ја усовршам и надградам мојата игра, а со тоа да помогнам во остварувањето на клупските амбиции за враќање на шампионската и куп-титула во домашното првенство, но и квалитетна игра и добар резултат во натпреварите од Купот на ЕХФ – додава Марија, која се восхитува на играта и борбеноста на романската пикерка Крина Пинтеа и цели кон достигнување на нејзините играчки квалитети.
Ракометарките на Металург сезонава, освен во домашното првенство и Купот на Македонија, ќе играат и на европската сцена, односно во Купот на ЕХФ, каде што во 2-то квалификациско, елиминациско коло противник ќе им биде тимот на Дудаланж од Луксембург.