Металург за противник ја доби швајцарската екипа Криенс од Луцерн на ждрепката за второто квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа, влечена во Виена. Овој исход на ждрепката го задоволи вкусот на тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, кој признава дека швајцарскиот претставник бил еден од посакуваните противници.
– Пред почетокот на ждрепката, Криенс беше еден од клубовите што најмногу ги посакував. Сметам дека фаворитската улога и во овој дуел му припаѓа на Металург, но ќе мораме да ја оправдаме на терен. Засега немаме многу информации за противникот, каде игра и поранешниот ракометар на Металург – Лапајне, но ќе биде погрешно ако го потцениме Криенс. Сепак, се работи за цврст и добар тим, кој многу лесно ја реши хрватска Дубрава во првото квалификациско коло. Тоа особено важи за средбата во Хрватска, каде Криенс славеше со огромни девет гола предност. Во суштина многу работи зависат од самите нас. Ако играме на ниво, фокусирано и дисциплинирано, тогаш веројатно ќе немаме проблем – изјави Кастратовиќ.
Следниот ривал на екипата од Автокоманда во првото коло убедливо ја елиминираше хрватска Дубрава, со две победи – 29-27 дома и 28-19 на гости. Металург, пак, ја елиминира хрватска Спачва со вкупен резултат од 60-57 во двомечот од првата рунда.
Првата средба ќе се одигра на 22 септември во Скопје, додека реваншот во Луцерн е закажан за 29 септември.
Победникот од овој двомеч ќе обезбеди настап во групната фаза на Лигата на Европа.
Второ квалификациско коло, двојки
Металург – Криенс Луцерн
Бидасоа Ирун – Нексе
Потаиса Турда – Феникс Тулуз
Бјерингбо Силкеборг – ЦСКА Москва
Холстебро – РНЛ
Бенидорм – Фиверс
Азоти Пулави – Кристијанштад
Констанца – Спортинг Лисабон
Ѓунѓеш – Фуксе Берлин
Тримо Требње – Балатонфуред
Винтертур – ГОГ
Скјерн – Монпелје