Во пресрет на новата сезона, Металург ангажира седум нови имиња, и тоа тројца Французи, браќата Оливие и Кевин Њокас и Абдула Мане, Португалецот Улисис Рибеиро и македонските ракометари Костадин Петров, Бобан Каковски и Димитар Бардаковски
РАКОМЕТ
Ракометарите на Металург денеска (18 ч.), во салата „Автокоманда“ во Скопје, ќе ги почнат подготовките за новата натпреварувачка сезона. Според планот и програмата на тренерот Иван Марковски, подготвителната фаза на металурзите ќе биде поделена во три фази.
– Првата фаза ќе биде во Скопје, потоа од 3 до 15 август во Маврово паралелно ќе работиме на физичка и на техничко-тактичка подготовка, која ќе биде заокружена со настап на ракометниот турнир во Струга. Во третата фаза главен акцент ќе биде подготовка и уигрување на тимот за натпреварите, ќе ја реализираме во Скопје, а предвидени се и неколку пријателски натпревари и настап на турнирот во Цриквеница во Хрватска, од 28 до 31 август – вели Марковски.
Во пресрет на новата сезона, Металург ангажира седум нови имиња со кои ќе се обиде да состави тим за што повисок пласман, од кои тројца се Французи, браќата Оливие и Кевин Њокас и Абдула Мане, Португалецот Улисис Рибеиро и македонските ракометари Костадин Петров, Бобан Каковски и Димитар Бардаковски.
– Играчкиот кадар уште го комплетираме, а на денешниот тренинг ги очекувам сите играчи на кои ќе сметаме за следната сезона, со исклучок на некој од новопотпишаните играчи, бидејќи авионските врски во овој период се комплицирани. Во текот на следната недела треба да бидеме комплетни. Уште сме во преговори со Марко Тарабокија, за негово останување во екипата, останува отворено и прашањето за голманската позиција, но верувам дека и тука брзо ќе реагираме. Од втората екипа, на мое инсистирање, ќе ги приклучиме голманот Давид Брестовац (17 г.) и бековите Андреј Стојановски (17 г.) и Андрија Мандиќ (20 г.), кои ќе работат според посебна програма и ќе добијат шанса да ги покажат своите квалитети – рече Марковски.
Ракометната сезона за металурзите почнува на 8 или на 9 септември, со меч од домашното првенство против Пролет.
Трет Французин во тимот на Металург
Францускиот лев бек Абдула Мане (25) е новата аквизиција на ракометниот клуб Металург. Мане (190 см, 85 кг) доаѓа во Металург од редовите на францускиот второлигаш Дижон, а во својата кариера претходно бил дел и од екипите Безансон, Белфорт и Мулхаус. Освен што игра на позицијата лев бек, Мане е ракометар што одлично ги извршува и дефанзивните задачи во централниот дел на одбраната. По браќата Њокас, Мане е третиот француски ракометар во редовите на Металург, односно седмото ново име во тимот за претстојната сезона.