РАКОМЕТ

Се надевам дека до почетокот на подготовките ќе го комплетираме тимот со кој ќе се обидеме да направиме исчекор на европската ракометна сцена и во домашниот шампионат, вели тренерот на Металург, Иван Марковски, пред подготовките што треба да почнат на 26 јули и да се одвиваат во три фази

Ракометарите на Металург на 26 јули ќе ги почнат подготовките за новата натпреварувачка сезона. Според планот на тренерот Иван Марковски, подготвителната фаза за настап во Лигата на Европа (ЛЕ) и за домашниот шампионат ќе биде поделена во три фази.
– Планот за подготовки за новата сезона ќе се реализира во три фази, односно 42 дена и 49 тренинзи. Првата фаза од 26 до 31 јули ќе биде во салата „Автокоманда“ во Скопје, во која освен воведните тренинзи ќе бидат вклучени и задолжителните медицински прегледи на ракометарите. Втората фаза од 3 до 16 август ќе ја реализираме во Маврово, каде што паралелно ќе работиме на физичка и на техничко-тактичка подготовка, која ќе финишира со настап на струшкиот ракометен турнир. Третата финална фаза, во која се предвидени и неколку пријателски натпревари, ќе ја реализираме во Скопје од 17 август до 5 септември, во која главен акцент ќе биде подготовка и воигрување на тимот за натпреварите од првото квалификациско коло во ЛЕ – вели Марковски.

Француските браќа близанци Оливие и Кевин Њокас (лев и десен бек) и поранешниот пикер на Металург, Костадин Петров, се првите три засилувања што ги ангажира Металург за новата сезона, а верноста кон тимот од „Автокоманда“ ја продолжија десното крило Златко Хорват, голманот Даниел Дупјачанец и левиот бек Василие Калуѓеровиќ.
– Во преговори сме со уште неколку ракометари за комплетирање на составот за новата сезона, се надевам дека до почетокот на подготовките ќе го комплетираме тимот со кој ќе се обидеме да направиме исчекор на европската ракометна сцена и во домашниот шампионат – рече Марковски.