И во овој меч ќе се обидеме да се надигруваме во сите 60 минути и да покажеме дека нашата игра од ден на ден е сѐ подобра и поквалитетна. Верувам во овие момци, бидејќи нивната секојдневна посветена работа ми дава надеж за успех и за позитивен резултат, изјави Брестовац, тренерот на Металург, пред мечот денеска во ЛШ кај Чеховски медведи
Ракометарите на Металург денеска во 15 часот (пренос Арена спорт 1) ќе му гостуваат на рускиот првак Чеховски медведи во меч од 5-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ). Избраниците на тренерот Данило Брестовац ќе се обидат да одиграат целосно добар меч, без стандардниот пад во играта во второто полувреме.
– И денеска спроти себе ќе имаме противник што е физички многу посилен и поискусен од нас, но тоа не значи дека нашите момци ќе имаат помала желба за надигрување и за борба на терен. Напротив, и во овој меч ќе се обидеме да се надигруваме во сите 60 минути, да ја елиминираме црната дупка во второто полувреме и да покажеме дека нашата игра од ден на ден напредува и е сѐ подобра и поквалитетна. Верувам во овие момци, бидејќи нивната секојдневна посветена работа ми дава надеж за успех и за позитивен резултат – изјави Брестовац.
Победа во денешниот меч ќе биде императив и за двете екипи. За Металург би била прва сезонава, со која би го скршиле малерот и би ја вратиле самодовербата во тимот, а за Чеховски втора, по минималната победа во 4-то коло кај Татран со 28-27.
Во четирите одиграни кола ракометарите на Чеховски биле најефикасни од бековските позиции, односно 66 од 100-те постигнати гола ги реализирале бековите, 23 постигнале крилата и 11 пикерите. Процентуално сличен е и распоредот на головите кај Металург по позиции. Бековите реализирале 57 од 97-те постигнати гола, крилата погодиле 24, а 16 реализации запишале пикерите.
Најефикасни ракометари во рускиот состав по четирите одиграни кола е десните бекови Александар Котов со 19 и Максим Куретков со 13 реализации. Кај Металург, пак, најефикасни се левиот бек Халил Јагањац со 25 и десното крило Анте Токиќ со 13 гола. Најголемата предност во однос на Металург, Чеховски ја има во процентот на голманските одбрани чиј сооднос е 47 наспроти 38. Голманите на рускиот првак имаат просек од 11,8 одбрани по меч, односно првиот голман Димитри Павленко има 41 одбрана (10,3 по меч). Просекот на Металург е 9,5, а првиот голман на Мартин Томовски одбрани 34 удари кон својот гол.
Во минатата сезона Металург го совлада Чеховски на гости со 32-26, што беше единствената победа на гости на Металург лани во ЛШ.