Ракометарите на Металург ги започнаа подготовките за новата натпреварувачка сезона. Тренерот Данило Брестовац попладнево во салата „Автокоманда“ во Скопје ја направи првата позивка. На првиот тренинг недостасуваа новиот голман Предраг Мијатовиќ и хрватскиот бек Халил Јагањац кои на тимот ќе се приклучат утре и задутре.
Во следните три дена металурзите ќе тренираат во Скопје, а во четврток заминуваат во Маврово каде што до 18 август ќе го реализираат предвидениот план за подготовки на екипата.
Поради селекторските обврски во кадетската репрезентација која од 9 до 19 ќе настапи на ЕХФ шампионатот во Грузија, Брестовац ќе го пропушти првиот дел од подготовките на Металург и првиот натпревар со Вардар во Супер Купот. Во тој период до 20 август, подготовките ќе ги водат неговите асистенти, Оливер Димитриоски и Петар Мисовски.
Во однос на лани, во составот на Металург ќе ги нема пикерот Жарко Пешевски, левите крила, Вања Илиќ и Давор Палевски, бекот Борјан Маџовски и десното крило Александар Гуглета. Повратници во тимот се Бојан Маџовски, Томислав Јагуриновски и Лука Стојановиќ, а нови имиња се хрватскиот пикер Адријан Миличевиќ и српскиот голман Предраг Мијатовиќ.