Нема зборови со кои може да се опише едно младо, амбициозно, образовано момче, кое сакаше да се занимава со спорт. Марко беше комплетна личност, која целосно се вложуваше во ракометот, постојано потенцирајќи дека сака да биде голем спортист, крило од светска класа. Тивок, скромен, но секогаш мотивирачки настроен кон соиграчите. Ова е само еден пример како треба сѐ да функционира во сите сфери на општеството. Настан, кој, ете, сите ги обедини во толку краток период максимално да се ангажираат. Секако акција за почит, вели тренерскиот стручњак Данило Брестовац

ОД ПЕТОКОТ СПОРТСКИ ЦЕНТАР „МАРКО БОЖИНОВСКИ“ ВО НОВО ЛИСИЧЕ

Беше секогаш позитивен, насмеан, енергичен, ведар, комуникативен, чесен, добар другар, голем спортист, пример за секој млад човек. Потекнуваше од ракометната школа на Металург, каде што како дел од пионерската и од младинската екипа стана шампион на Македонија. И по шест поминати месеци од годинава, спортска јавност тагува. Прераната и ненадејна смрт на младиот талентиран и надежен ракометар на Бутел и младински репрезентативец на Македонија, Марко Божиновски, остави длабока лузна во срцата на сите љубители на спортот, на сите млади луѓе, ракометни клубови, ракометните работници, ракометари, но и кај другите спортови, кои со оптимизам како и Божиновски гледаа во иднината.
Како резултат на сето она што како спортист и млад човек го остави зад себе, од петокот и официјално спортскиот центар во Ново Лисиче го носи неговото име, СЦ „Марко Божиновски“, каде што младите ќе можат да го негуваат и развиваат спортскиот дух.
– И официјално спортскиот центар во Ново Лисиче имаме чест и задоволство да го носи името СЦ „Марко Божиновски“. Божиновски е пример за млад човек, спортист, добар другар и пријател, кој пред шест месеци трагично почина. Одлучивме да инвестираме во реновирање на спортската инфраструктура. Дел од таа инвестиција е на Општина Аеродром, но и на семејството на Марко Божиновски, нивни пријатели, кои се активно вклучени во подобрување на условите што ќе ги има овој СЦ. Во чест на Марко Божиновски, кој треба да биде пример на сите идни млади генерации, успешен млад ракометар, добар другар и искрен, верен пријател, сакаме да функционираме и таков однос да воспоставиме кон сите други млади луѓе во Општина Аеродром, да бидат како Марко Божиновски. И во таа смисла ќе продолжиме и следната година, како општина да инвестираме во спортската инфраструктура, да инвестираме во младите спортски таленти – изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Божиновски беше дел од кадетската репрезентација на Македонија на Светското првенство (СП) во 2019 година во Скопје, а беше дел и од младинската селекција на Македонија. Првите чекори во пионерска и во кадетска конкуренција ги направи во клубот Металург, а последните две сезони го носеше дресот на тимот од Бутел. Трипати беше прогласуван и за играч на колото во сениорска конкуренција, а личниот рекорд му е 21 постигнат гол на еден натпревар. Тој е генерација на Мартин Серафимов, Марко Кизиќ, Андреј Петковски, Глигор Гајиќ, Мартин Карапалески, Ненад Костески, Михајло Младеновиќ и други.
– Нема зборови со кои може да се опише едно младо, амбициозно, образовано момче, кое сакаше да се занимава со спорт. Марко беше комплетна личност, која целосно се вложуваше во ракометот, постојано потенцирајќи дека сака да биде голем спортист, крило од светска класа. Беше високо момче од два метра, а Бутел беше клубот во кој последен пат настапуваше. Тивок, скромен, но секогаш мотивирачки настроен кон соиграчите на теренот, кој според талентот што го поседуваше, ги имаше сите предиспозиции да прерасне во светско крило. Често беше прогласуван и за играч на колото. Тешко е сето ова да се долови со зборови – вели тренерскиот стручњак Данило Брестовац.
Брестовац ја поздравува иницијативата на Општина Аеродром.
– Сите се сплотија како еден и се заложија овој СЦ, кој претставува мултикомлексен објект, да го носи неговото име, што е сосема заслужено. Ова е само еден пример како треба сѐ да функционира во сите сфери на општеството. Настан, кој, ете, сите ги обедини во толку краток период максимално да се ангажираат. Секако акција за почит. Но не треба да се застане само на тоа, туку треба да се продолжи и понатаму, за сите оние млади луѓе што со своите дела оставиле неизбришлива трага зад себе – вели Брестовац.
Златното дете што никна и го разви својот раскошен талент во Металург, каде што ги мина сите старосни категории, а го даде својот придонес и во соодветните репрезентативни категории на Македонија, засекогаш ќе остане во срцата и на другите ракометари од неговата генерација.

– Со Марко се знаев уште од осум години, кога ги направивме првите ракометни чекори во Металург, потоа и ги поминавме сите генерациски категории, а бевме заедно и во репрезентацијата. Тој беше голем спортски талент, кој имаше неверојатно чувство за ракомет, така што неговата прерана смрт многу тешко ми паѓа, но многу им недостасува и на сите што играа со него. Беше меѓу најталентираните во нашата генерација, се гледаше дека ракометот беше дел од неговиот живот. Беше многу комуникативен, со многу душа во него, дружељубив, секогаш оптимист на теренот. Марко во секој клуб беше меѓу главните да се задржи хемијата на тимот. Тој едноставно не сакаше да губи на теренот. Умееше да ги мотивира соиграчите и кога е во игра и кога е на клупа. Се сеќавам дека кога игравме за репрезентацијата, често кога ќе го свртев погледот кон клупата, тој секогаш беше насмеан и ми даваше поддршка. Со неговата смрт македонскиот ракомет многу загуби. Многу ми е драго што СЦ во Ново Лисиче ќе го носи неговото име – вели репрезентативецот Мартин Серафимов.