Фантастично е тоа што клубот ни даде можност по 16 години повторно да играме заедно. Ни се допадна Скопје, среќни сме и одлучни да му помогнеме на Металург повторно да биде силен, изјавија браќата Оливие и Кевин Њокас, на официјализирањето на двогодишните договори со тимот од „Автокоманда“

РАКОМЕТ – ПО АНГАЖМАНОТ НА БРАЌАТА ЊОКАС ВО МЕТАЛУРГ

За нас е голема чест што добивме можност да бидеме дел од проектот на Металург. Фантастично е тоа што клубот ни даде можност по 16 години повторно да играме заедно. Ни се допадна Скопје, така што среќни сме и одлучни да му помогнеме на Металург повторно да биде силен, изјавија браќата Оливие и Кевин Њокас, на официјализирањето на двогодишните договори со тимот од „Автокоманда.
Поранешните француски репрезентативци Оливие и Кевин Њокас во следните две сезони ќе бидат дел од македонскиот ракометен бренд Металург, кој е одлучен во намерата да состави силен и конкурентен тим, кој одново ќе биде „име“ меѓу европските ракометни гиганти.
Французите ќе ги засилат левата и десната бековска позиција во Металург. Оливие (34 г., 187 см), кој располага со одлична скочност, силен шут, пробив и прегледност на играта, во последните пет сезони игра на позицијата лев бек во редовите на француски Нант, додека, пак, неговиот брат Кевин (34 г., 188 см) последниве три сезони е дел од португалска Бенфика, на позицијата десен бек.
– Задоволство е што во тимот имаме двајца врвни играчи какви што се браќата Њокас. Нивното ангажирање е порака дека Металург е жив, дека повторно ќе атакува на високи цели и дека ќе се врати таму каде што и припаѓа. Ова е голем плус за клубот, но и за македонскиот ракомет воопшто, бидејќи тие ќе пренесат драгоцено искуство – смета тренерот на Металург, Иван Марковски.

По продолжувањето на договорот со десното крило Златко Хорват и ангажманот на двајцата француски експерти, Металург направи сериозен чекори кон формирањето респектабилен тим, кој во следната сезона ќе влезе во трката за титулите во домашното првенство.
Браќата Њокас потекнуваат од школата на француски Монтгерон. Првиот професионален ангажман го имале во 2006 год. во редовите на ПСЖ, за потоа Оливие да продолжи во шпански Алкобендас, француски Кретеј, бундеслигашот Балинган, а последните пет сезони во Нант, додека, пак, Кевин од ПСЖ заминал во редовите на Шамбери, потоа бил дел од бундеслигашите Гепинген и Гумерзбах, а последните три сезони во Бенфика.
Оливие има 32 настапи и 69 гола за француската репрезентација и златен медал од Светското првенство 2017 во Франција и сребро од Олимписките игри во Рио 2016 година, додека, пак, Кевин има 41 настап и 57 постигнати гола и две златни медали од Европското првенство 2014 во Данска и на Светското првенство во Катар 2015 година.