За да ги одржи тренерите активни и во домашни услови, Здружението на ракометните тренери на Македонија реши да отвори нов прозорец за комуникација и за работа, со организирање онлајн-работилница

РАКОМЕТ

Пандемијата на коронавирусот целосно го запре нормалното функционирање на луѓето во сите сфери, а во момент кога спортските федерации ги одложија сите натпреварување, а спортистите и спортските работници работат во домашни услови, онлајн-комуникацијата стана секојдневие и начин на работа. За да ги одржи тренерите активни и во домашни услови, Здружението на ракометните тренери на Македонија (ЗРТМ) реши да отвори нов прозорец за комуникација и за работа, со организирање онлајн-работилница.

Сите тренери добија покана да бидат дел од првата ваква работилница, а сѐ што треба да направат е до утре се пријават, да инсталираат соодветна апликација, да бидат онлајн во договореното време и подготвени за дискусија на претходно зададена тема.
– Идејата за онлајн-работилница со тренерите произлезе од моментната ситуација со изолацијата поради коронавирусот. Не сум љубител на компјутерска комуникација, повеќе сакам размена на искуства и разговор очи в очи, но во ваква вонредна ситуација сметам дека ова е одличен начин да останеме активни, да размениме мислења и ставови за одредени ситуации, тренинзи, техники и тактики.

Сметам дека ќе ги збогатиме нашите досегашни искуства на еден поинаков начин – изјави претседателот на Здружението, проф. Гино Стрезовски.
Неодамна, поради ситуацијата со коронавирусот, Ракометната федерација на Македонија прогласи прекин на првенството во сите категории на неодредено време. Првичната одлука беше прекин на првенството на 14 дена (до 27 март), меѓутоа поради сериозноста на ситуацијата и воведувањето вонредна состојба, РФМ реши да не се обврзува со датуми.