Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија со победа го почна настапот на ЕХФ-шампионатот, дивизија Б во Тбилиси, Грузија. Избраниците на селекторот Данило Брестовац беа поуспешни од врсниците од Литванија победувајќи ги со 32-30 (19-13).
Македонските кадети одиграа одлично прво полувреме, во кое од минута во минута градеа резултатска предност. Второто полувреме донесе пад во играта на македонскиот состав, но на крајот сѐ добро се заврши, кога беше најпотребно тие повторно имаа контрола врз играта, одиграа добро во одбраната и со серија 4-0 ја вратија предноста и заслужено славеа. Најефикасен во македонскиот состав беше десното крило, Ненад Костески, кој постигна 11 гола.
Македонија денеска (13 часот) се среќава со Луксембург, кој во 1-то коло забележа убедлива победа над Фарски Острови, 32-26. Убедлива беше и Швајцарија, која ја совлада Естонија со 33-22.