Добивме противници по мера, но сепак не смееме никого да потцениме. Во квалификациите влегуваме со поставена цел, да видиме со какви сили располагаме пред младинското ЕП од дивизијата Б, во 2021 година, а потоа и за ЕП 2022 за сениорки, на кои сме домаќини, вели селекторот Симовски
РАКОМЕТ
Исланд, Грција и Литванија ќе бидат противници на македонската женска ракометна репрезентација во групата два во претквалификациите за пласман во баражот за Светското првенство (СП) во 2021 година, што треба да се игра во Шпанија. Според зборовите на селекторот Симе Симовски, Македонија не би требало да има проблем да обезбеди место во баражот за СП, но ќе мора во секој меч да се даде максимумот.
– Добивме противници по мера, но сепак не смееме никого да потцениме. Во овие квалификации влегуваме со поставена цел, да видиме со какви сили располагаме во пресрет на младинскиот европски шампионат од дивизијата Б во 2021 година, а потоа и за Европското првенство за сениорки во 2022 година, на кои сме домаќини.
Противниците делумно ни се познати. Со Исланд имаме играно во сениорска конкуренција, со Литванија во младинска конкуренција, а со Грција досега не сме играле. Како и да е, ќе бидеме внимателни, ќе влеземе максимално во секој меч и никого нема да потцениме – рече Симовски, додавајќи дека овие мечеви ќе бидат шанса за дел од помладите ракометарки во селекцијата.
Пласман во баражот за СП 2021 ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции од секоја од претквалификациски групи. СП во Шпанија ќе биде прво на кое ќе играат 32 селекции, од кои 16 европски. Директен пласман на Мундијалот ќе имаат домаќинот Шпанија и бранителот на титулата Холандија, како и четирите финалисти од ЕП 2020. За преостанатите 10 места, 20 европски селекции ќе играат во бараж-дуелите, кои би требало да се играат помеѓу 16 и 21 април 2021 година.