Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Белорусија со 26-30 (14-14) во нејзиниот последен меч на Светското првенство во Египет, одигран во рамките на групата 4 од втората фаза.
„Црвено-жолтите“ беа рамноправни во поголемиот дел од средбата, но Белорусите направија серија од четири гола од 42-та до 47-та минута за водство од 24-20, што се покажа како пресудно за конечниот исход.
Капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен кај Македонија со седум гола, исто колку што постигна и Владислав Кулеш за Белорусија. Лазаров беше прогласен за играч на мечот.
Македонија на Мундијалот настапи со седум дебитанти на големите натпреварувања кои ја искористија укажаната шанса за да стекнат значајно искуство. Националната селекција како прва резерва доби прилика да игра на Светското првенство откако Чешка го откажа учеството поради случаи на коронавирус во нејзиниот состав.
Избраниците на Данило Брестовац го завршија Светското првенство една победа (над Чиле 32-29) и пет порази (загубија од Шведска 20-32, Египет 19-38, Словенија 21-31, Русија 20-32 и од Белорусија 21-25).
Вечерва во рамките на истата група 4 се среќаваат Египет – Словенија (18 часот) и Русија – Шведска (20.30 ч.), во дуелите што директно ќе ги одлучат учесниците во четврт-финалето.