Женската ракометна репрезентација на Македонија го заврши квалификацискиот турнир за пласман во баражот за Светското првенство (СП) со максимални три победи, откако денеска ја совлада Грција со 20-19 во СЦ „Борис Трајковски“. Македонија славеше благодарение на Јована Мицевска која забележа одбрана во последниот напад на Грција.
Избраничките на Симе Симовски претходно беа подобри и од Исланд со 24-17 и од Литванија со 31-21, со што изборија учество во баражот за Мундијалот што ќе се одржи годинава во Шпанија.
Можни ривали на Македонија во баражот за СП се репрезентациите на Чешка, Германија, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словенија, Шведска. Националната селекција ќе го дознае противникот на ждрепката која ќе се влече утре.