Ракометните репрезентативци на Македонија во тежок натпревар успеаја да ја победат Нигерија на вториот натпревар од групата на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години со резултат 37-34.
Избраниците на Данило Брестовац добро го започнаа првото полувреме и создадоа предност од четири гола (7-3) и водеа до 20-тата минута, кога Нигеријците влегоа во серија и до 24-тата минута го израмнија резултатот. На полувреме, македонските ракометни надежи заминаа со предност од 18-16.
Неизвесно беше и второто полувреме и на неколку наврати Нигерија успеваше да го израмни резултатот, за на 15 минути пред крајот на наптреварот резултатот да биде 25-25. Во самиот финиш на натпреварот, младите ракометари успеаја да направат доволна разлика и да го добијат противникот, кој претходно важеше за аутсајдер во групата.
Македонија ја предводеше Ненад Костески со 13 гола, а во чекор го следеше Мартин Серафимов со десет. Кај африканската репрезентација, 11 гола даде Екподио, а Јусуф успеа да погоди осум пати.
За потсетување, во првото коло, Аргентина ја изненади Македонија со резултат 20-23.
Утре во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, нашиот национален тим ќе се сретне со Бахреин.