Фото: Игор Бансколиев

Во последниот тест-меч пред ЕП 2020, Македонија ја победи Црна Гора, што вкупно е четврти триумф во подготвителниот период, по што в петок е мечот од 1-то коло на континенталното првенство, со Украина, во Виена

Со денешните два тренинга во Лашко (Словенија) и едниот утре во Виена (Австрија) завршуваат подготовките на македонската машка ракометна репрезентација за учество на Европското првенство (ЕП) што почнува утре, а првпат ќе се игра во три држави (Австрија, Норвешка и Шведска). Својот прв настап на овој шампионат (прв со 24 репрезентации учеснички) Македонија ќе го има в петок од 20.30 часот (пренос на ТВ Телма), а нејзин противник ќе биде селекцијата на Украина. Македонија и Украина меѓу себе досега не играле на ЕП, а во квалификациите за минатото ЕП, во 2018 година, Македонија дома победи со 27-21, а на гости одигра нерешено, 27-27. Во групата Б во Виена црвено-жолтите ќе играат и со Австрија и со Чешка.

– Овие тренинзи ќе бидат завршна подготовка и анализа на нашиот прв противник, Украина. Се надеваме дека направивме добра подготовка за тој меч, бидејќи Украина, сепак, е сериозен противник, кој не треба ни да се потцени ни да се прецени – вели селекторот Данило Брестовац, кој треба да ги одреди 18-те репрезентативци за настап на ЕП 2020.

Во оваа фаза од подготовките за настап на ЕП 2020, Македонија одигра шест контролни натпревари. Црвено-жолтите забележаа четири победи (над Кувајт со 27-24, Алжир со 25-24, Романија со 24-20 и во понеделникот во шестиот тест-меч, над Црна Гора со 25-24) и два пораза (од Кувајт со 22-23 и од Словенија со 28-33). Македонија го освои првото место на турнирот „Трофеј Карпати“ во Романија, каде што Никола Митревски беше прогласен за најдобар голман, а левиот бек Марио Танкоски за најдобар играч на турнирот.

Пласман во следната фаза на ЕП 2020 обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја од шесте групи, кои потоа во главната фаза формираат две групи со по шест репрезентации. Најдобрите две селекции од тие две групи ќе обезбедат место во полуфиналните дуели, а преостанатите ќе разигруваат во вкрстени мечеви (третопласиран против третопласиран, итн.) за пласман од петтото до 12-то место. Селекциите што нема да обезбедат пласман во главната групна фаза ќе разигруваат за пласман од 13-то до 24-то место.

Честа да го отворат 14-от европски шампионат (од 18.15 часот) ќе ја имаат селекциите на Белорусија и на Србија во меч од групата А, во Грац, Австрија (пренос на ТВ Телма) како и Германија и Холандија во групата Ц во Трондхајм (Норвешка). Веднаш потоа се и дуелите Хрватска – Црна Гора (пренос на ТВ Телма) и Шпанија – Летонија (двата меча од 20.30 часот). 


Ривалите од групата Б на шест тест-меча победија само еднаш

Првиот противник на Македонија на ракометното Европско првенство (ЕП) што почнува утре, а ќе се игра до 26 јануари во Австрија Норвешка и во Шведска, селекцијата на Украина, забележа три пораза во контролните натпревари одиграни изминативе десетина дена. Во првиот пријателски натпревар беа совладани од Швајцарија со 22-32, вториот пораз го доживеаја од Холандија со 27-30, а во третиот меч загубија и од селекцијата на Тунис, со 32-34. Селекцијата на Чешка, пак, забележа по една победа и пораз во двомечот со Унгарија. Во отворениот меч за публика поразени беа со 24-27, а во затворениот натпревар Чесите славеа со 31-22. Пораз во единствениот тест пред ЕП претрпе и домаќинот на ЕП од нашата група, Австрија, која загуби во дуелот со Германија со 28-32.